Нето вредноста на Елон Маск вчера накратко надмина 500 милијарди долари

Нето вредноста на милијардерот Елон Маск, најбогатиот човек во светот, накратко надмина 500 милијарди долари, објави вчера списанието Форбс.
Нето вредноста на шефот на Тесла и Спејс Екс достигна 500,1 милијарда долари пред да падне на 499,1 милијарда долари, според рангирањето „Милијардери во реално време“ на Форбс.
На листата на Форбс по него следуваат ко-основачот на Оракл, Лари Елисон, со богатство од 350,7 милијарди долари и извршниот директор на Фејсбук, Марк Закерберг, со богатство од 245,8 милијарди долари.
Маск е во Тесла од 2004 година
По дипломирањето на Универзитетот во Пенсилванија и напуштањето на Стенфорд, Елон Маск ја продаде својата компанија за софтвер за онлајн издаваштво на производителот на компјутери Компак во 1999 година за повеќе од 300 милиони долари.
Неговата следна компанија на крајот се спои со PayPal. Откако го напушти PayPal, јужноафриканскиот претприемач го основа Спејс Екс во 2002 година и се приклучи на Тесла во 2004 година.