Нетанјаху го повика својот главен ривал во широка коалиција
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека нема да може да формира десно оријентирана влада по изборите и го повика неговиот главен ривал, центристот Бени Ганц, да му се придружи во широка коалиција.
Засега нема одговор од седиштето на Сино-белата партија на Ганц.
Претходно, дел од медиумите објавија дека израелскиот премиер ќе се обиде да формира коалиција со своите верски и националистички сојузници, и покрај лошите резултати на парламентарните избори.
Според кабинетот на премиерот Нетанјаху, израелскиот лидер нема да присуствува на годинашното Генерално собрание на ОН во Њујорк. Патувањето беше откажано неколку часа по затворањето на гласачките места, кога излезните анкети покажаа дека Нетанјаху нема да има мнозинство во Парламентот. Тој ја откажа и посетата на САД за време на која требаше да се сретне со американскиот претседател Доналд Трамп.