Несреќната приказна на Насер Зибери


ЉУПЧО ПОПОВСКИ

Милосрдието не е дел од политиката. Интересите се нејзината суштина, а бруталноста знае често да биде нејзиното кредо. Кога Насер Зибери неочекувано повторно се активира во политиката од неговата мирна нотарска заветрина, сигурно знаеше каква е политика. Па тој одамна, пред дваесетина години беше пратеник, а и министер во македенската влада. Но, сепак, големо прашање е дали очекувал оти ќе биде фрлен како потрошена крпа откако беше искористен како симбол на кампањата на Демократската унија за интеграција за освојување на новиот зацртан хоризонт – премиер Албанец.

Кога се дознаа предлозите на новите министри од ДУИ Зибери резигнирано им кажа на новинарите само два збора: „Немам коментар“. Во основа, тој би требало да има коментар, но суштински тоа е единственото нешто што можеше да го каже. Што би можел да коментира? Дека наивно влегол во целата приказна за Албанец премиер? Дека макотрпната кампања што ја водеше под врелото сонце била покритие за некој друг да влезе во владата? Дека тоа што тој беше лицето на ДУИ за овие избори било само измама? Дека поплаките зошто не бил викан на телевизиските дуели на главните политички лидери биле вештачки? Или дека со гласањето завршувал неговиот договор со раководството на ДУИ, затоа што беше илузорно да се мисли дека тој би можел да стане премиер? И дека оние дополнителни гласови што ги доби ДУИ благодарејќи на него, биле извонреден политички трик после кој тој може да си замине. ДУИ го постави понтонскиот мост кон оние поранешни гласачи на ПДП (и оние што сега инклинираат кон пледоајето на таа партија што ја нема, а чиј член беше Насер Зибери) и откако тие испорачаа пет-шест-седум илјади ливчиња, реши веднаш да го урне.

Затоа Насер Зибери не сака да одговара (барем засега) на овие прашања. Затоа што одговорите на едно од овие прашања или можеби на повеќе од нив веројатно се куси и прилично непријатни за него. Но би требало да си ги врати назад изјавите по објавата на Али Ахмети за Албанец премиер, во кои тврдеше дека тоа е лоша политичка идеја, дека тоа е партиска пропаганда и непривлечна за гласачите Албанци. А потоа да се сети и на изјавата што ја даде кога неочекувано во Преспа беше промовиран како премиерски кандидат на ДУИ: „Реков ‘да’ за кандидатурата затоа што оваа идеја е поголема од мене, таа е поголема од ДУИ. Не би ја прифатил ако не бев убеден дека станува збор за национален проект“.

Во политиката сешто се кажува а после се премолчува како да не се рекло ништо. Зибери веројатно има право кога вели дека „оваа идеја е поголема од мене“, но претерал во оценката дека „таа е поголема од ДУИ“. Па дури и дека не успеал да ја види суштината на таа идеја – дека таа е помала од ДУИ и дека е стокмена само за нејзин успех на изборите. Тој би можел да го прочита и ова што го изјави вториот човек на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари, во интервју за „Независен“: „Ахмети сега се обидува да биде магионичар. Кога магионичарот ви вели дека внимателно треба да гледате кон картите што ги меша, тој не сака да видите што прави неговиот помошник. А, кога политичарот ви вели да се фокусирате на една ваква тема, како што е предлогот на Ахмети, сосема е сигурно дека не сака да ја видите пошироката слика“.

Настаните по изборите му даваат на некој начин целосно право на Таравари. Во играта со џамлии Зибери би бил наречен спотер. Тој веројатно го знае значењето на спотерот – џамлиите биле дел од неговото детство. За да може ДУИ да се извлече од мртвата трка со Алијансата за Албанците Зибери беше употребен и злоупотребен. Помошникот на маѓионичарот, кој треба да биде втор човек во владата, сега вели дека „имаме многу добри планови за г. Насер Зибери за кои верувам дека се согласува“. Тие „многу добри планови“ да ти биле подобри од планот за премиер Албанец, а и од оние за втор човек во владата. Насер Зибери може да го прочита и делот од Фејсбук обраќањето на Али Ахмети по повод годишнината од формирањето на ДУИ: „Ајде да ја одредиме целта заедно на следните избори да се избере ценета, докажана и прифатлива личност која заедно ќе ја избереме за прв премиер Албанец“. Тој може да се пронајде во овие зборови за „ценета, докажана и прифатлива личност“ за премиер, но очигледно дека тие атрибути не важеле при изборот за вицепремиер.

Ова е несреќна приказна за Насер Зибери. Потроши важен дел од сопствениот углед во јавноста за да ѝ ја донесе победата на ДУИ (иако не е член на партијата) за потоа да заврши на реченицата „имаме многу добри планови за г. Насер Зибери“. Доколку не сака да го потроши преостанатиот дел од респектот што го стекнуваше сите овие години во независноста Насер Зибери треба да им се заблагодари на кројачите на тие планови. Бидејќи користа ќе биде само за партијата. Се разбира, ако сака да го види тоа.