„Нешто слатко“ – комедијата со Јелена Јованова и Сашко Коцев на 6 мај во „Синеплекс“ (трејлер)


Романтичната комедија со Јелена Јованова- Периќ и Сашко Коцев ќе се прикажува на 6 мај во „Синеплекс“. Веќе се појави и официјалниот трејлер.

Во Љубљана премиерно беше претставена уште во февруари под наслов „Nekaj sladkega“ (Нешто слатко). Филмот е во режија на стенд-ап комичарот Тин Водопивец, Јелена Јованова ја толкува главната женска улога – Каја, а Сашко Коцев, се потпишува и како копродуцент и косценарист заедно со Уршка Мајдич.

’Нешто слатко’ е романтична комедија. Тоа е филм полн со пресврти и забавни заплети. Кариерата на организаторката на маркетинг конференција виси на конец кога нејзиниот главен адут, маркетинг гуру од Македонија, го пропушта својот лет. За да избегне катастрофа, таа го заменува со локален слаткар кој изгледа исто како него…“, стои во најавата на филмот.

За Умно.мк Коцев посочи дека ова е филм за човековата прва и последна шанса во животот, како и дека Водопивец, со кого имаат настапувано на многу стендап настапи во Скопје, Белград, Хрватска, Словенија…, му е пријател повеќе од десет години. Токму по негова сугестија и Јелена Јованова стана дел од филмот.

„Некако и мене ми требаше поддршка во таа средина во која никого не познавав. Во тој психолошки несигурен простор ми требаше личност што ме знае целиот мој живот. Со Јелена сме поминале и добро и лошо, плус таа живее во Хрватска. Буквално тимот стана како Југославија во мало. Јелена веднаш се нафати и многу се радувам поради тоа“, изјави Коцев за Умно.мк.

Филмот е сниман во време на пандемијата.