Необјаснивата самоизолација на ВМРО-ДПМНЕ


ЉУПЧО ПОПОВСКИ

Понекогаш не можете да поверувате во тоа што го читате. Така денешното редовно утринско соопштение на ВМРО-ДПМНЕ изгледа надвор од реалноста. Не дека зборува за нереални теми, туку е надвор од реалноста.

Прочитајте го ова: „Здравствениот тим на партијата повикува и апелира сите институции на системот да се однесуваат одговорно и со крајна внимателност да ги следат препораките коишто доаѓаат од релевантните меѓународни институции“. Има една апсолутна константа во овие две години и нешто откако Христијан Мицкоски е на чело на партијата. А тоа е дека ВМРО-ДПМНЕ уште од првиот ден се поставува според принципот дека само тие се предодредени да владеат во Македонија. И дека оваа влада на СДСМ од 1 јуни 2017 година е само инцидент кој треба што е можно побрзо да се избрише.

Така и со ова соопштение (а и тие пред него). Ниедна партија освен ВМРО-ДПМНЕ не се обидува да им дели лекции на здравствените власти што треба да прават (иако никој не треба да се воздржува од совети). Но партијата да се поставува како политички комесар во целата држава е целосно несериозно, необјасниво и аутсајдерски претенциозно.

Пред две-три недели Христијан Мицкоски ја даде најкатастрофалната изјава оваа година, велејќи: „Најсреќни би биле исплашените од СДСМ да го користат корона вирусот како изговор за ВМРО-ДПМНЕ да не го мобилизира народот и претпоставувам дека тие молеа бога да се случи сето ова за да може ВМРО-ДПМНЕ да не излегува заедно со народот“.

Тоа беше толку аматерски, толку неполитички, толку нечувствително, што на многумина во ВМРО-ДПМНЕ им зацрвенија образите. Сега наеднаш, тие се трансформираа во главни борци против Ковид-19 надвор од здравствените власти. Во понеделникот вечерта, членовите на партиската комисија за здравство, докторите Игор Николов и Синиша Стојановски, одржаа онлајн разговори со граѓани под мотото „Затоа што секој живот вреди“.

Министерот за здравство пред некој ден објави дека сите лекари и медицински персонал од јавното и приватното здравство се ангажирани во еден заеднички тим на државата. Па така и лекарите Николов и Стојановски. Но, ете, тие посакале, или им било сугерирано, да поработат и врз основа на партиските интереси. Па, така, не само што предлагаат и мерки за работа на маркетите туку и да се воведело правилото од метар и пол растојание. Ингениозно, нема што.

Вчера, кога Мицкоски соопшти дека предлага одложување на изборите не можеше да избега од самозаблудата на партијата дека единствено таа може или има право да владее со Македонија, па тој тоа го образложи вака: „Во овие кризни моменти ова е ситуација кога човек одбира помеѓу личниот и интересот на државата. И ова го велам од причина што е сосема извесно дека ВМРО-ДПМНЕ ќе победи на изборите со убедлива разлика. Но одржување на избори ќе значи и изложување на илјадници граѓани под директен ризик за нивното здравје и ширење на корона вирусот“.

Дали овој вокабулар е посилен од се друго во партијата? Можеби. Единаесетте години владеење ја изместија партиската ДНК и таа сега се обидува да се претстави како единствена партија која природно треба да владее, а другите да бидат во некаков фронт сличен на ССРН од југословенското време. ВМРО-ДПМНЕ го губи наративот затоа што не е дел од одговорот на државата на корона вирусот (иако има свој министер за внатрешни работи во техничката влада) и на секој начин се обидува да се одржи на површината на настаните, па макар тоа било и со самоизолација. Тоа не и помага на партијата. Вчерашната анкета на ИРИ тоа го покажа на јасен начин – дури 51 отсто од испитаниците мислат дека ВМРО-ДПМНЕ не е конструктивна како опозиција, додека само 36 отсто велат дека така се однесува.

Во вонредни времиња е потребна промена на наративот, а не како да се изборите на прагот или се водат ораторски надмудрувања во Собранието. Што побргу тоа го сфати партиската номенклатура тоа ќе биде подобро и за ВМРО-ДПМНЕ, но генерално и за општеството. Барем засега, една нестрплива и преоптоварена стрктура тоа тешко може да го направи.