Ненајавена посета на Помпео на Ирак додека растат тензиите со Иран


Американскиот државен секретар Мајк Помпео пристигна во ненајавена посета на Багдад со цел да и даде поддршка на ирачката Влада во време кога САД собираат разузнавачки податоци за да докажат дека Иран претставува закана по американските интереси на Блискиот Исток.

Помпео се сретна со ирачкиот претседател и премиер, Бархам Салих и Адил Абдул Махди како и други владини претставници, со кои разговараше за безбедноста на Американците во Ирак и ја пренесе загриженоста на САД по порастот на иранските активности.

САД испратија и бомбардери Б-52 на Блискиот Исток

Трамп се поблиску до воен судир со Иран

Помпео го посети Багдад откако вчера ја откажа посетата на Германија. На новинарите не им беше дозволено да известуваат за движењето на Помпео се додека авионот не полета од Багдад за Лондон.

Целта на средбите со претседателот и премиерот на Ирак беше да се покаже американската поддршка на суверениот, независен Ирак, слободен од влијанието на соседен Иран, изјави Помпео.

Посетата на Помпео на Ирак уследи два дена откако советникот за национална безбедност на Белата куќа, Џон Болтон соопшти дека САД испраќаат група носачи на авиони на Блискиот Исток со цел да упатат јасна порака до Иран дека на било кој напад врз американските интереси или сојузници „ќе се одговори со неумолива сила“.

САД испратија и повеќе авиони бомбардери Б-52 на Блискиот Исток како одговор на евентуален планиран напад од Иран. Бомбардерите Б-52 можат да носат крстосувачки ракети.