Трамп се поблиску до воен судир со Иран


Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп го пренасочи носачот на авиони „Абрахам Линколн“ на Блискиот Исток бидејќи се очекува Иран да се откаже од договорените обврски за замрзнување на својата нуклеарна програма.
Трамп се наоѓа најблиску до воен судир со Иран во својот досегашен мандат, откако ги пренасочи воените бродови на Блискиот Исток, со цел да одговорат на она што вчера официјални претставници го нарекоа „зголемени закани на Иран кон американски војници и објекти“, објавија западни медиуми.
Вршителот на должност министер за одбрана на САД, Патрик Шенахан истакна дека одобрил испраќање ударни групи бродови, предводени од носач на авиони, како и испраќање бомбардери на подрачјето на Блискиот Исток, поради, како што тврди, „кредибилни закани од силите на иранскиот режим“.
Тој додаде дека САД „го повикуваат иранскиот режим да престане со провокации“.
– Ќе го сметаме иранскиот режим одговорен за каков било напад врз американските сили или наши објекти, напиша Шенахан на Твитер.
Портпаролот на Пентагон, Чарлс Самерс вчера изјави дека таквиот потег „гарантира оти имаме сили кои ни се потребни во регионот за да можеме да одговориме на непредвидливи ситуации и да ги браниме силите и интересите на САД во регионот“.
Тој потенцира дека САД не сакаат војна со иранскиот режим, но ќе ги штитат американските граѓани, сојузниците и интересите во регионот.
Ситуацијата драстично ескалира откако Трамп минатиот месец ја прогласи Иранската револуционерна гарда за терористичка организација, а некои високи претставници на Пентагон предупредија дека тоа може да доведе до одмазда од страна на Иран или неговите сојузници против САД и нивните сојузници, вклучувајќи го и Израел. Зголемените тензии сега предизвикуваат страв дека евентуален потег од која било страна, дури и непланирано, може да доведе до воен судир, наведуваат медиумите.