Нема веќе по желба – по потреба ќе се вработува и специјализира во здравството


Министерството за здравство го изработи регистарот на здравствени работници, ги стави на интернет и тоа ќе биде задолжителна алатка за вработување, односно ни министерот нема да може да одлучува дали ќе даде позитивно мислење за некој профил, доколку за тоа има барање. 

Имено, како што појасни министерот за здравство Азир Алиу, некаде има пет лекари од некоја област, а нема потреба од нив, туку требаат три, двајца од нив ќе одат во друга институција каде за нив има потреба.  Сепак, нагласува министерот, не можат никого да префрлат законски во друга институција, ако тој има договор, но ќе се обидат префрлањата да ги направат со одредена стимулација. 

„Сега, за секоја општина за секој профил на здравствени работници имаме бројка. И понатаму има недостаток на лекари и медицински сестри. Во последните десет години просекот минимално се зголеми – покажа регистарот“, вели министерот.

На пример, медицински сестри од 356 на 100.000 жители пред 10 години се зголемиле на 440 на 100.000 жители во 2020 година, што е едвај половина од ЕУ стандардите.

„Знаеме колку медицински сестри, кардиолози, анестезиолози ни фалат во државата. Отворање на конкурс за специјализнати нема да има на желба на општината, ако не се вклопуваат со оваа матрица“, појаснува министерот Алиу.

Вкупно здравствени установи во државата се 3.779. Од нив 2.942 (2.830 се приватни, а 112 се јавни установи, 108 се јавни здравствени установи, а 4 се институции кои даваат јавни здравствени услуги како што се Воениот медицински центар, МАНУ и Медицинскиот и фармацевтскиот факултет) се во мрежата на здравствените установи, а надвор од мрежата се 837 установи.

Бројот на вработени во јавниот и приватниот здравствен сектор изнесува 32.383, од кои 18.536 се во јавни здравствени установи, додека 13.847 се во приватните здравствени установи. Од оние во јавното здравство 9.040 се лекари и членови на тимови во приватно здравство, а останатите 4.807 се вработени во приватни здравствени установи. 4.746 се работници на секундарно и терциерно ниво. Медицински сестри се 7.003 во јавните здравствени установи.

За прв пат МЗ започна со анализа на податоци, на моменталната ситуација на човечки ресурси во јавните и приватните здравствени податоци. За оваа анализа биле земани податоци од Централен регистар, Агенција за вработување, Лекарска, стоматолошка и фармацевтска комора, Управа за електронско здравство, ФЗОМ. 

Министерот Алиу истакна дека не верува во политики без податоци и затоа го почнале овој процес, го воделе како проект на вкрстување на податоците од јавните здравствени установи и приватните здравствени установи и ги поврзале сите нивоа на здравствената заштита, односно примарно, секундарно и терциерно ниво, ја анализирале дистрибуцијата во сите општини и региони, податоците ги класифициравме по специјалност, по профил и по тип на установа.

Според него, ова е почеток на воспоставување регистар на работници во областа на здравството каде податоците ќе може да ги гледаат во реално време и да креираат здравствени политики базирани на точни и навремено ажурирани податоци.(Б.Б.)