Нема веќе долги редици за бугарски пасош во Битола

Порано дневно имаше и по стотина граѓани, сега само неколкумина чекаат ред пред бугарскиот конзулат


Едно огласачките места ќе биде во бугарскиот конзулат во Битола (Фото: А. Блажевска)

 

БИТОЛА – Што го скрати редот за бугарско државјанство пред бугарскиот конзулат во Битола – се прашуваат битолчани откако во последниот период само една „рака“ луѓе чекаат ред за бугарски пасош.

Македонски државјани сѐ уште чекаат ред за бугарско државјанство пред бугарскиот конзулат во Битола, но, редот е видно скратен и пред конзулатот чекаат едвај по неколку граѓани. За разлика од сега, во последните години долга беше „опашката“ за бугарско државјанство и лесно паѓаше во очи на минувачите на булеварот „1 Мај“ каде се наоѓа седиштето на бугарскиот конзулат.

Порано дневно и по стотина граѓани чекаа да поднесат документи за бугарско државјанство, а со паркираните возила пред објектот и околу кејот на реката Драгор правеа гужви во сообраќајот. Доаѓаа граѓани не само од Битола, туку и од Прилеп, Кавадарци, Неготино, Охрид, Кичево, Штип…

Сега, од вторник до петок „пред конзулатот чекаат колку една рака луѓе“ , забележуваат битолчани. Меѓу оние кои застанале во редот за бугарско државјанство има и мажи и жени, ама забележително е што во најголем дел се млади луѓе. Условот да добијат државјанство е да имаат документи со кои ќе го докажат своето бугарско потекло. Па многумина бараат официјални документи напишани на бугарски јазик од своите предци, свидетелства од баби и дедовци, дипломи…

Ниту еден од оние што се обидовме да ги контактираме, не сакаа да зборуваат отворено за причините зошто сакаат бугарско државјанство. Само дофрлаат дека „нема врска со чувствата кон државата и политиката, туку со лебот и егзистенцијата“. Велат дека се обидуваат да ги спојат своите семејства низ европските земји. 

Во февруари лани, културниот клуб „Ванчо Михајлов“ од Битола спроти пописот на населението повика секој оној кој со фотокопија од пополнетиот формулар ќе докаже дека се изјаснил за „македонски Бугарин“ ќе добие државјанство по скратена постапка. Ваквото барање беше испратено до бугарскиот државен врв и предизвика внимание во бугарската јавност.

Вака беше лани и претходните години

Дел од она што стоеше во писмото беше фактичка состојба, особено напишаното дека „тука, во Битола, пред бугарскиот конзулат редици луѓе чекаат. Секој од овие Македонци потоа ќе оди лично во Бугарија за да го прогласи својот бугарски идентитет и да достави документи“, наведуваа членовите на бугарскиот клуб и додаваа дека „нашата јавна сатанизација нè принудува тука да се оправдаме дека бараме бугарски пасоши затоа што сакаме да патуваме во Европа. Ова секако не е точно, затоа што дури и со македонски пасош патувате без виза за Европа, а во исто време повеќето македонски Бугари немаат намера да ја напуштат својата татковина Македонија“, стоеше во писмото објавено на Фејсбук страната на бугарскиот клуб.

Од Културниот клуб „Ванчо Михајлов“ во Битола денес велат дека по пописот имало граѓани на Македонија кои кај нив тврделе дека се изјасниле како Бугари и од клубот барале да посредува што побрзо да стасаат до интервјуто во конзулатот во Битола.

„Ние како културен клуб воопшто не посредуваме за добивање на бугарско државјанство. Тоа не е наша работа. Имаше луѓе кои од нас бараа после пописот само да им помогнеме побрзо да стигнат до интервјуто, но не помагаме да се скрати постапката за добивање на бугарско државјанство“, вели за „Независен“, Георги Црномаров еден од првите луѓе на клубот во Битола. За последните слики пред бугарскиот конзулат во Битола, Црномаров вели не се скратени редиците за бугарско државјанство,туку дека конзулатот имал технички проблеми.