Нема термини, линиите се блокирани, снемува и обрасци за пасоши


 

До термин за фотографирање за лични документи речиси невозможно е да се дојде. Граѓаните се жалат дека постојано ѕвонат во контакт центарот, но безуспешно. Телефонските линии се блокирани и речиси никој не успева да стигне до оператор за закажување на термин, пренесе „Скопје 1“.

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, во средата изјави дека во една секунда се јавувале по 200 граѓани кои имаат различни потреби (пасош, возачка дозвола, лична карта) и дека системот тоа не може да го процесира.

Задачата за резервација на термини ја извршува надворешна фирма.

Не работи ниту системот за закажување преку веб. Иако дозволува да се избере датум и слободно време од понудите, на крајот информациите не ги испраќа до серверот и појавува грешка. Ова е вака со месеци. Граѓаните се револтирани и бараат начин како да стигнат до патна исправа за покус период.

Сега, повеќе нема вадење пасош без термин како што беше до пред една недела. Министерот Тошковски, ја укина можноста оти пред пунктот „Пролет“ имаше гужви, граѓаните чекаа од рани зори, а некои од нив никогаш не стигнаа до документ.

Соговорничка за „Либертас“ изјави дека се сликала кон крајот на јануари, но и рекле дека пасош ќе добие за два месеци со образложение дека немало обрасци за пасошите.