Нема скандал, туку административна пракса, одговара Меџити


 

Денешното доставување документи во Владата од страна на СДСМ како поткрепа на нивните сомнежите дека постои корупција и неправилности во работата на првиот вицепремиер и министер за животна средина Изет Меџити, тој го оцени како обид да ја продолжат приказната и порача дека не може административна или архивска работа да се прикаже како голем скандал.

Прво, како што рече, вакви тврдења имаше од ДУИ, а сега тоа го продолжил СДСМ и рече дека биле синхронизирани во нападите.

„Прво се зборуваше за одземање на ингеренции на Министерството за животна средина, а кога увидоа дека Инспекторатот кој бил автономен во нивно време сега е дел од Министерството, како сектор, отидоа на второто обвинување дека има простор за злоупотреба констатиран во Административниот инспекторат. Но, се работи за редовна контрола која била во програмата на Државниот административен инспекторат. Имаат опомена со забелешка за некоја воспоставена пракса, не за ингеренции или за нешто друго“, изјави денеска Меџити.

Според него, таквата пракса, била воспоставена од ДУИ и СДСМ уште од 2016 година.

„Ваквата пракса е воспоставена од 2016 година кога министер за животна средина бил Нуран Изаири, па продолжи со Башким Ахмети, Садула Дураку, Насер Нуредини и заврши  со Каја Шукова. Тоа се редица на министри токму од СДСМ и ДУИ“, рече Меџити.

Тој нагласи дека е само опоменат од Управниот инспекторат и дека веќе ја обжалил опомената.

„Ќе оставиме на крај да видиме каков ќе биде исходот, но не се работи ни за ингеренции, ниту за нешто друго. Во прилог на соопштението од Министерството за животна средина се документите со деталите каква била оваа пракса, кога е почната и како функционирала“, потенцира Меџити.