Нема повеќе вработувања во јавната администрација преку Агенции?


На денешната владина седница, на предлог на Министерството за информатичко општество и администрација, беа разгледани и утврдени предлози на закони коишто се важни за реформата во јавната администрација и дигиталната трансформација на државата.
Законите, според предлагачот, ќе придонесат да се забрза процесот на подобрување на демократските процеси во државата, доближување на јавната администрација до граѓаните и синхронизација на дигиталните процеси со европските текови.
Конкретно станува збор за Предлог на закон за административни службеници, подготвен согласно препораките од Европската комисија и од СИГМА, што треба да придонесе кон професионална, мотивирана и деполитизирана администрација.
 
Со Предлогот на закон за вработените во јавниот сектор се уредува организационата единица за управување со човечки ресурси и мрежата на организациони единици за управување со човечки ресурси во институциите од јавниот сектор. Меѓу решенијата, се предлага забрана за вработување преку Агенции за привремени вработувања и вработување на определено време на раководни работни места, а во постапките за вработување секогаш да се избира најдобро рангираниот кандидат.
 
Со Предлогот на закон за безбедност на мрежни и информациски системи и дигитална трансформација, меѓу целите се обезбедување високо ниво на кибер безбедност со цел заштита и понатамошен развој на општеството и градење и развој на информациско-комуникациска (ИКТ) инфраструктура, односно поефикасна и поефективна дигитална трансформација на јавниот сектор. Една од клучните цели на овој закон е дигитална трансформација на јавниот сектор, што ќе се однесува на органите на државната управа, освен на органите на државната управа од областа на  безбедноста и одбраната на Република Северна Македонија. Дигиталната трансформација ќе се однесува и на други институции од јавниот сектор по нивно барање, а во согласност со овој закон и Планот за дигитална трансформација на јавниот сектор.
 
Со Предлогот на закон за стручно усовршување и обука на административни службеници се има за цел примена на принципите на ЕАП (Европскиот административен простор) во националната администрација, согласно Уставот и законите на Република Северна Македонија, односно да се обезбедат знаења и вештини во администрацијата коишто ќе се јакнат, надградуваат и развиваат, а во коишто ќе бидат вградени принципите на ЕАП (Европскиот административен простор).  Со ова законско решение, за прв пат досега, во администрацијата системски ќе се уреди и институционално ќе се опфатат стручните обуки за усовршување на административните службеници.
 
Со Предлог законот за изменување и дополнување на законот за електронско управување и електронски услуги целта е да се употребат инфраструктурата и кадровските капацитети на  А.Д. Македонска Пошта на Северна Македонија – Скопје низ целата територијата на Република Северна Македонија, со што ќе се овозможи да има посебен обележан шалтер, каде граѓаните ќе бидат опслужени и ќе можат да добиваат услуги коишто ги нуди Една точка за услуги (ЕТУ). Очекувањата се зголемување на бројот на електронски услуги за граѓаните, коишто ќе бидат достапни во шалтерите на Една точка за услуги.