Нема поставена бомба на аеродромот и во дел од училиштата во Скопје

И денешните дојави за поставени бомби се покажаа како лажни


 

Завршени се проверките во Аеродромот во Скопје и дел од училиштата и утврдено е дека станува збор за лажни пријави, соопштија од полицијата.

По завршувањето на проверките во другите објекти полицијата соодветно ќе извести.

Инаку, утрово дојави за поставени бомби имаше во повеќе јавни и спортски објекти, хотели и училишта во Скопјеи во Битола.

Во СВР Скопје и СВР Битола било пријавено дека на електронските адреси на десет училишта во Скопје и пет во Битола, како и во Фудбалската федерација на Македонија, хотел „Александар Палас“, хотел „Мериот“, трговски центар „Ист Гејт“, спортска сала „Борис Трајковски“ и Меѓународен Аеродром Скопје е упатена закана за поставена експлозивна направа.

Веднаш по добиените пријави, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на објектите и во тек се антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случаите – велат од МВР.

Дојавата за бомба на Меѓународниот аеродром Скопје е лажна, соопшти „ТАВ Македонија“ по извршените проверки од страна на полицијата.

– Согласно информацијата добиена од Министерството за внатрешни работи, би сакале да ве известиме дека единиците на МВР ги завршија проверките на Меѓународниот Аеродром Скопје и притоа од нивна страна е утврдено дека станува збор за лажна пријава за поставена експлозивна направа која ја добивме утрово. Би сакале да ја известиме целата јавност и нашите патници дека нема откажани летови и дека авиосообраќајот на Меѓународниот аеродром Скопје продолжува по регуларниот распоред, се наведува во соопштението од „ТАВ Македонија“.

За детали во однос на летовите, патниците моожат да се информираат на веб-страницата http://skp.airports.com.mk/,или на Шалтерот за информации кој е достапен 24/7, како и на телефонскиот број +389 2 3148 333.

Претходно, „ТАВ Македонија“ информира дека поради дојава за бомба утрово целиот персонал и сите патници и/или минувачи на Меѓународниот аеродром Скопје се безбедно евакуирани и сообраќајот е моментално запрен, но летовите не се откажани сé додека не добијат известување од МВР дека е безбедно операциите на аеродромот да продолжат по редовниот распоред.

– Меѓународниот аеродром Скопје утрово преку електронска пошта прими закана за поставенa експлозивнa направa. Информацијата веднаш беше пријавена до Министерството за внатрешни работи, a истовремено целиот персонал и сите патници и/или минувачи кои беа затекнати на аеродромот беа безбедно евакуирани, додека единици на Министерството за внатрешни работи прават проверка на објектите на аеродромот. Летовите не се откажани, но сообраќајот е моментално запрен, сé додека не добиеме известување од МВР дека е безбедно операциите на аеродромот да продолжат по редовниот распоред, се вели во соопштението од „ТАВ Македонија“.