Нема посмешно од тоа дека Таравари заминал поради застој на евроинтеграцијата, вели Муртезани

Таравари имаше бел лист на маса за да напише колку општини сака да добие, но тој одлучи да оди сам на избори и повеќе сакаше да оди во прегратките на ДУИ. Допрва ќе видиме како неговото приклучување кон Европскиот фронт ќе влијае врз рејтингот, рече вечерва министерот за европски прашања Орхан Муртезани.
Како што истакна Муртезани во „Само интервју“, целта на локалните избори е владејачката коалиција да добие најмалку 50 отсто од општините за да ги порази Ахемти и Таравари.
Тој уште еднаш кажа дека Владата е стабилна и дека сите инвестиции и промени што ги реализира ќе бидат препознаени од граѓаните.
-За нас е битно да победиме на локалните избори, да имаме мнозинство добиени општини. Според нашите проценки, тоа не е недостижно зашто стоиме убедливо добро од Липково до Тетово. Во Гостивар се менуваат односите, но тоа не значи дека ќе има многу пореметувања на национално ниво. Се создава простор да приближиме до нас и други политички актери и бизнисмени и претставници од невладиниот сектор, истакна Муртезани.
Коментирајќи го објаснувањето на Таравари дека една од причините зошто излегол од коалицијата е застојот во евроинтеграцискиот процес, Муртезани рече дека ништо посмешно не слушнал во својата десетгодишна политичка кариера.
-На сите владини седници, особено на тие посебните не се сеќавам дека Tаравари присуствувал. Јасно е како бел ден дека тој не се тргна од Владата поради евроинтегративниот процес, а наместо да даде придонес за што имаше можност, тој одлучи да оди во прегратките на Али Ахмети, нагласи министерот.
Муртезани нема информации, како што напомена, дека Таравари наводно поради уцени заминал од Владата.
-Сигурно е нешто големо, против својата волја, волјата на коалицијата и поддржувачите штом преземаш чекор што ќе ја потресе партијата и што ќе ти го наруши кредибилтетот. За нас е голема енигма зошто Таравари наместо да биде дел од продолжувањето на трендот на промени на оваа Влада, одлучи да се приклучи кон Ахмети, рече Муртезани.