Нема попуст ако не е напишан и на албански јазик
„Акција“ во салони за мебел, маркети... ќе може да трае најмногу 30 дена, а „промоција“ пак само 8 дена
Во сите продавници, информациите за производите, попустите и друго, мора да бидат напишани на македонски и на албански јазик, според Законот за заштита на потрошувачите, усвоен по скратена постапка на 15 ноември кој веќе стапи на сила.
„Бев во продавница за патики, но на оние кои сакав да ги купам, не можеа да ми пресметаат попуст, затоа што информацијата за цената и попустот не им беше напишана на македонски и на албански јазик“, вели една потрошувачка од Скопје.
„Ме советуваа да ги порачам патиките онлајн, затоа што таму уште нема регулација. Разликата во цената беше 1.000 денари“, додава таа.
Со вакв проблеми се соочуваат потрошувачите деновиве, откако стапи на сила Законот за заштита на потрошувачите, усвоен во скратена постапка на 15 ноември.
Според тој закон, освен на македонски или на некој друг јазик, сите потребни информации за производот мора да бидат истакнати и на албански јазик. За да ја исполнат оваа обврска, сите приватни субјекти мора да ангажираат преведувач, што е дополнителен и непотребен трошок во економскава криза, коментираат тие.
Иако имаат полни раце работа производителите, увозниците и дистрибутерите на стока за широка потрошувачка, не стигнуваат да ги зменат декларациите на сите производи, па продаваат така како што можат да се заштитат.
Како што вчера пишуваше „Слободен печат“, одредени трговци деновиве одбивале да примат производи на кои нема вакви декларации, од страв да не бидат казнети. Според ЗЗП, казните се движат и над 1.000 евра и затворање на дуќанот од 15 до 30 дена. Уште полошо е тоа што не е оставен одреден рок за подготовка, па сега производителите и дистрибутерите се во хаос да постигнат да ја исполнат обврската, а во истовреме продавниците да не останат празни, дознаваме неофицијално. Трговците се во дилема и дали е можно да ја допродадат стоката на залиха, но засега нема кој да ги советува?! Од друга страна, проверката која ја направивме во одредени дуќани, покажа дека само мал дел производи, главно од увоз на амбалажата имаат вакви декларации.
Од пазарен инспекторат, за „Канал 5“ објаснуваат дека казни уште не се пишуваат, а засега само ги информираат трговците за новите обврски. Објаснуваат дека производите кои се веќе на рафтовите нема да се враќааат назад за да им се залепат нови етикети.
„Тие треба да имаат период на усогласување затоа што овие затекнати производи не можат да се отворат и повторно да се печатат. Невозможно е тоа да се спроведува во моментов, особено кај прехранбените производи. Треба и производителите и увозниците да се усогласат. Ќе се консултираме со министерството за економија за да видиме кога ќе биде можно ова да биде усогласено. Ова е обемна работа што треба да се заврши кај сите“, велат од ДПИ.
Инаку законот јасно ги утврдува и датумите кога ќе може да има сезонско намалување на производите. „Акција“ во салони за мебел, маркети… ќе може да трае најмногу 30 дена, а „промоција“ пак само 8 дена. „Распродажба“ дозволена е само доколку трговецот престанува да работи или пак го сели салонот.
Инаку според измените во Законот за тутун, кој беше на сила од мај 2019 година, производителите имаа 18 месеци за да ги прилагодат производите на новите барања. Рокот истече во ноември 2020 година и потоа на амбалажата на кутиите од цигарите, освен на македонски јазик, текстот е и на албански односно на писмото кое го употребуваат најмалку 20 отсто од населението.
Законот важи и тој мора да се почитува на територијата на целата држава, што значи дека и во малите места каде што процентот на граѓани кој го зборуваат албанскиот јазик е под 20 отсто, мора да се стават вакви објаснувања, коментираат за „Слободен печат“ доброинформирани извори во проблематиката.
Инаку, според Законот за заштита на потрошувачи, трговецот е должен на потрошувачот да му ги даде, на јасен, видлив и читлив начин, а преку амбалажа, приврзок, налепница, упатство, декларација, изјава, или на друг соодветен документ, најмалку следните точни, целосни и корисни информации за: белезите, квалитетот, начин на употреба и функционалноста на стоките или услугите; влијанието на одредени стоки или услуги врз животната средина и животот, здравјето и благосостојбата на луѓето, како и за мерките за заштита, согласно важечките прописи и стандарди и името или називот, географската адреса и другите податоци значајни за определување на идентитетот на трговецот.
„Трговецот е должен информациите од ставот (1) на овој член на потрошувачот да му ги даде напишани на македонски јазик и неговото кирилско писмо, како и на јазикот кој го зборуваат најмалку 20 отсто од граѓаните на територијата на Република Северна Македонија и неговото писмо, што не ја исклучува можноста од истовремена употреба и на други јазици, како и на знаци или пиктограми што се лесно разбирливи за потрошувачот“, стои во два дела од поглавјето за информирање на трговците.