Нема политички договор со Вреди за назначувањето на директори на национални институции, тврди Љутков

Министерот за култура и туризам Зоран Љутков негира дека е политички договор со коалицискиот партнер Вреди назначувањето на Али Синани за директор на Националната галерија на Македонија (НГМ) и на Мустафа Имери, за нов директор на Македонска филхармонија, за што реагираа вработени во институциите.
-Имавме четири кандидати, сите ги исполнуваа условите, но тројца имаа иста „копипејст“ програма, за разлика од биографијата на Синани, кој имаше сосема поинаква визија која се поклопува со мојата визија како би требало да изгледа институцијата понатаму. Од тие причини донесов одлука директор на НГМ да биде Али Синани. Ништо нема незаконско, ниту во процесот, ниту во одлуката. Секаде се поставуваат висококвалитетни луѓе, не може да биде поставен ако не ги исполнува условите. Да ги расчистиме дилемите дека се правела поделба по партии, дека е некој од Вреди, ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ… Јас имам оставено директори од СДСМ – се уште не е сменет директорот на Театар Комедија, на Музејот на современа уметност, Националниот џез-оркестар и многу други, рече Љутков одговарајќи на новинарско прашање .
Како што рече, одлуката ја донел врз основа на биографијата на Синани и на записникот со мислење на тричлената комисија која, рече, ја разгледува документацијата и му дава мислење на министерот кој од кандидатите ги исполнува условите.
Посочи и дека за назначувањето на новиот директор на НГМ имало многу шпекулации, како тоа дека Синани назначил заменик-директор и дека веднаш заминал на одмор, а во врска со написите дека барал службено возило, Љутков рече дека Синани имал логично прашање дали му следува такво возило бидејќи живее во Гостивар.
Министерот демантираше и дека се откажани планирани изложби во НГМ, туку дека се одложени односно поместени се некои термини што, рече, не е невообичаено.