Нема отстапувања при исплата на платите, вели директорката на УЈП

Исплатата на платите од почетокот на годинава оди вообичаено и нема некое отстапување во генералните тенденции колкава е навременоста на поднесувањето на пресметките за плата и навремената исплата на бруто платата, како и колкава е тенденцијата на задоцнетата исплата на бруто плата, посочи директорката на Управата за јавни приходи (УЈП0 Елена Петрова на средбата со новинарите.
Оцени дека во првите два месеци од годинава има нешто подобра наплата кај сите даноци во споредба со истиот период од 2024 година, а особено кај данокот на личен доход за кој главна компонента е данокот на плати што се плаќа при исплата на плати.
-Идеален и теоретски случај е наплатата на приходите да биде рамномерна по 8,33 отсто на месечно ниво, но секој месец си има одредени сезонски карактеристики и тенденции во наплатата на приходите. Остануваат уште два работни дена за да ги сумираме резултатите и за месец февруари и да видиме какво ќе е остварувањето на динамиката што ја поставуваме согласно историските тенденции. Засега можам да кажам дека споредбено со јануари и февруари минатата година имаме нешто подобра наплата кај сите даноци и сите ставки кои претставуваат данок на личен доход. Имаме нешто помала наплата од 2024 година за две ставки – данокот на доход на добивки од игри на среќа и кај данокот на доход од исплата на дивиденди, што веројатно се должи на некакви тенденции на однесување на даночните обврзници, рече Петрова.
Нагласи дека не станува збор за значителни разлики при наплатата на тие две последни ставки и додаде дека треба да се почека, бидејќи има уште два дена до крајот на месецов за да се видат резултатите.
-УЈП сама го поставува месечниот план за наплата на приходите, а Министерството за финансии ни дава годишен план. Во УЈП правиме план колкава треба да биде месечната динамика и месечната наплата секој месец споредбено со историски податоци како се движела во претходните години. Треба да ги почекаме и последните два дена од февруари и следната недела ќе имаме точна претстава како се движи наплатата, бидејќи неделава беше и собирањето на ДДВ, односно денот за плаќање на ДДВ беше во вторникот, а податоците ги добивме во средата. Има и некои задоцнети плаќања поради што треба да се почекаат и овие два дена. Затоа следната недела ќе ја имаме точната претстава дали сме во рамките на динамиката што е во историските тенденции во претходните години и дали и сега ја исполнуваме, прецизира Петрова.