Нема одлагање на новиот систем за влегување во ЕУ за Македонците – од 12 октомври ќе мора да се регистрираме на граница

Македонските државјани од 12 октомври на влез во ЕУ ќе мораат да се регистрираат со фотографија и отисок на прст - но само еднаш. Од идната година ќе плаќаат за тоа


Од Бугарија најавиле дека на Деве Баир ќе почнат да го применуваат новиот систем при крај на октомври

 

Новиот систем за влез/излез во Европската унија (ЕЕС) ќе почне постепено да се применува од 12 октомври. Ова го најави евроамбасадорот Михалис Рокас порачувајќи дека целта е да се зајакне безбедноста на сите гранични премини.

Според брифингот во ЕУ делегацијата системот не е дискриминаторски кон Македонија, во смисла дека ќе важи и за САД, Обединетото Кралство, Јапонија и многу други земји кои имаат или немаат визен режим со ЕУ. Системот не значи воведување виза на споредна врата, нема да го отежни туку напротив, на долг рок, ќе го олесни поминувањето на ЕУ границите, од 12 октомври ќе мора да го применуваат сите земји членки и – нема да има одлагање за Македонија, како што тврдеше вицепремиерот Александар Николоски.

Тоа значи дека од 12 октомври нашите граѓани кои патуваат во земји членки на ЕУ или поминуваат преку двете ЕУ граници – со Грција и со Бугарија, ќе мора да се регистрираат со фотографија и со отпечаток на прст, дека тоа ќе мора да го направат само еднаш, а потоа ќе влегуваат на автоматски влезови во земјите членки на ЕУ, само поминувајќи го пасошот на апарат или мобилниот телефон.

Постепена примена

Новиот систем сепак ќе се применува постепено, односно во првата фаза сите земји членки на ЕУ треба да регистрираат до 10 отсто од тие што влегуваат, а во четвртата фаза – да бидат регистрирани сите 100 отсто! Конкретно, во случајот со Грција и со Бугарија тоа значи дека од 12 октомври сите што ќе одат во Солун или подалеку нема да мора да бидат регистрирани задолжително туку во зависност од бројот на патници односно должината на колоните, така што за да не се прави гужва може да се регистрира секој десетти, а во наредните шест месеци да влезат сите во системот. Од Грција најавиле дека веднаш ќе почнат да го применуваат системот, додека од Бугарија најавиле дека на Деве Баир ќе почнат да го применуваат при крај на октомври, а на премините кај Делчево и Ново Село на крајот на годината и почетокот на идната. 

Потоа, ќе следи втората фаза од новиот режим, воведувањето на ЕТИАС системот наредната година, кога освен отисок од прст, фотографија и регистрација на граница, патниците ќе мора однапред да аплицираат за влез и да ги најавуваат патувањата во ЕУ (како за време на ковидот) и да платат најверојатно 20 евра, при што дефинитивната цена сѐ уште не е утврдена. Тие што ќе добијат авторизација за влез ќе добијат практично сертификат со важност од три години, а тие што еднаш ќе бидат одбиени – како такви ќе бидат регистрирани во системот. Сите овие процедури ќе важат само за кратки престои, бидејќи долгиот престој бара друга процедура во амбасадите.   

Друга негативна последица од промената ќе биде тоа што сега македонските граѓани ќе бидат мотивирани уште повеќе да вадат странски пасоши, бидејќи ќе бидат ослободени и од регистрација и од плаќања, а тие што веќе имаат, на пример, бугарски пасош ќе имаат мотив да извадат и за децата, за да патуваат слободно во ЕУ. Во Делегацијата на ЕУ не беа сепак сигурни како ќе се регулира патувањето на лице со бугарски или друг ЕУ пасош и членови на семејството што сега немаат, бидејќи првиот е ослободен од оваа обрска и надомест.

Генерално, од обврската да се регистрираат и да плаќаат за влез ќе бидат ослободени децата до 12 години и постарите од 7о години. Ќе се наруши комодитетот и на тие со дипломатски пасоши, бидејќи ослободени ќе бидат само тие што се акредитирани во земја членка на ЕУ, а не сите што имаат таков документ. Клучно е дека влезот во ЕУ ќе се плаќа практично од идната година.

И Рокас потенцираше дека системот ЕТИАС не е ист со системот за влез/излез (ЕЕС) и повика да не се создава конфузија кај граѓаните. Од ЕУ порачуваат дека освен што ќе се зголеми безбедноста во ЕУ (ќе знаат кој им влегува)  ќе се спречи и влегување со фалсификувани пасоши бидејќи не може да се фалсификува отисок од прст. Исто така, очекуваат да се редуцира времето за чекање за влез, да се симплифицира постапката бидејќи по првата регистрација ќе се влегува автоматски.  Но, кога ќе истече валидноста на пасошот, целата процедура ќе мора да се повтори. 

Николоски се забунил

Пред извесно време министерот Николоски тврдеше дека правилата за патување во Европската унија се одложени за Македонија и треба да стартуваат следната година, доколку повторно нема некои одлагања. Тој тврдеше исто така дека е во  постојан контакт со ЕУ за координација на целокупниот процес, а од Делегацијата не сакаа да ја коментираат оваа изјава, посочувајќи дека веројатно се работи за забуна и постепеното воведување на системот е сфатено како одлагање за Македонија.

„Во суштина она што сме информирани е дека постојниот систем на ЕУ се дигитализира, светот, технологихата одат напред и во таа насока треба да се почитува она што го воведува ЕУ од една страна, но од друга страна да не се комлицира процедурата за влез на македонски граѓани. Секако, Министерството за надворешни работи и Министерството за европски прашања имаат комуникација и заеднички како влада ќе се координираме кога ќе се воведе“, рече тогаш Николоски.

Бизнисот пак посочи дека о ваквите протоколи, транспортните оператори се во неповолна положба во споредба со операторите од ЕУ во однос на утврдените ограничувањата, поради шенгенските правила што го ограничуваат периодот на професионалниот возач кој може да извршува билатерални транспортни услуги (ограничување од 90 дена во текот на кои било 180 дена). Од ЕУ делегацијата денес посочија дека очекуваат да се појават некои прашања од камионџиите и дека на таа тема сѐ уште се разговара во Брисел.

Од ЕУ делегацијата негираат дека системот се воведува бидејќи Брисел не им верува на биометриските пасоши од Македонија, посочувајќи дека има криминалци кои се професионалци во крадење на идентитетот па мора да се заштитат. Практично тие посочија дека и сега секој патник мора да покаже пасош на граница и разликата е што сега се регистрира. Околи дилемата зошто македонските грашани да ги плаќаат трошоците на ЕУ за ЕТИАС од делегацијата посочија дека како и за други јавни услуги треба да се плати, иако не е убаво , посочувајќи дека истото го наплаќаат и САД и Обединетото Кралство каде што веќе се применува истиот систем, покрај визата. Околу дилемата пак што ако пропуштиш авион а си се најавил за престој во одреден период , од делегацијата немаа одговор, но околу дилемата што ако по три години некој заборави да плати за влез, рекоа дека е лесно – ќе си плати на граница со кредититна картичка.      

Системот за влез/излез (ЕЕС) постепено во период од шест месеци ќе го имплементираат 29 европски земји (25-те членки на ЕУ дел од Шенген зоната, плус Исланд, Лихтенштајн, Норвешка и Швајцарија), а со целосната имплементација да започне од 10 април 2026 година, од кога електронски ќе се пресметуваат деновите на престој. Во овој момент за вториот систем, ЕТИАС, не е потребна никаква акција од страна на патниците, а Европската унија ќе информира дополнително за конкретниот датум за почеток на ETIAS неколку месеци пред неговото лансирање.

Сите информации за новиот граничен режим на ЕУ може да се најдат на следниот линк: https://travel-europe.europa.eu/en/ees