Нема нови моменти, но има обиди за провокации од Бугарија, вели Османи

Скопје очекува Бугарија да го консолидира својот став за што понатаму. Импресивна листа на учесници на вториот Преспа форум во јуни во Охрид


 

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, и денеска ја потврди својата изјава од пред два дена дека „топката е во Бугарија“ околу кревање на ветото, и дека има комуникација со Софија, но нема разговори. Тој рече дека Македонија не треба да наседнува на провокациите што доаѓаат од Бугарија во последно време.

На прес-конференција посветена на Преспа форумот, Османи рече дека еврокомесарот за проширување Оливер Вархеи повторно доаѓа во регионот, но овојпат ќе ја посети само Софија. Според Османи, тоа било знак дека притисокот е фокусиран врз Бугарија. Тој очекува и Франција дополнително да се ангажира во периодот што претстои. Османи додаде и дека во Скопје се очекува Бугарија да има консолидиран став за тоа што да се прави понатаму.

„Има чинители во Бугарија, не можам да го апострофирам претседателот Радев, кои не само што сакаат блокадата да продолжи, туку и вината пред светот да биде наша. Затоа има обиди за провокација и блокада, со цел да наседнеме и направиме грешки во последните недели од процесот. Досега Македонија од никого нема забелешки за овој процес. Мислам дека овие недели е важно да не наседнеме на провокациите кои се со цел да бидеме виновни и блокирани“, рече Османи.

Тој додаде и дека верува оти Бугарија е свесна дека евентуалното добивање датум за преговори со ЕУ претставува процес кој не е директно поврзан со уставните измени, туку тоа е нешто што треба да се случи пред нашето членство во Унијата.

„Мислам дека и тие знаат дека тој процес не може да се врзе директно, односно да се поврзи со уставни измени. Мислам дека има компромиси да се заврши тоа пред нашето членство. Мислам дека е добро решение, дека се свесни за тоа“, додаде Османи.

Коментирајќи ја изјавата на високиот претставник на ЕУ за надворешни работи Жозеп Борел, дека доколку до 30 јуни Северна Македонија и Албанија не ги почнат преговорите, регионот би можел да влезе во криза, Османи оцени дека „станува збор за криза на кредибилитет“ и тоа откако Унијата токму со тој кредибилитет го трансформираше регионот.

Османи најави дека на вториот Преспа форум, кој ќе се одржи од 16 до 18 јуни во Охрид, ќе има импресивна листа на учесници, ќе бидат присутни претседатели на држави и на влади, шефови на дипломатии и други високи претставници. Оваа година темата на форумот е насловена  „Градењето на иднината на Западниот Балкан во современата безбедносна архитектура“, во контекст на големите безбедносни предизвици што ги отвори руската инвазија на Украина. Годинава покровител на Форумот ќе биде претседателот Стево Пендаровски, кој ќе биде и домаќин на централниот панел или отворање на форумот вечерта на 16 јуни. Темата на централната сесија ќе биде „Што после војната во Украина“.

Покрај претседателот Пендаровски, на отворањето ќе се обратат и бројни претседатели од регионот, меѓу кои досега учеството го имаат потврдено претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел, претседателите на Словенија Борут Пахор, на Косово Вјоса Османи и на Црна Гора Мило Ѓукановиќ, а се очекува потврда уште од други шефови на држави од регионот.

На Форумот, исто така, ќе учествуваат и потсекретарката на ОН за политички прашања Розмари ди Карло, актуелната генерална секретарка на ОБСЕ Хелга Шмид, шефот на дипломатијата на Полска, Збигњев Рау, на Словачка, Иван Корчок, на Хрватска, Гордан Грлиќ Радман, на Турција Мевљут Чавушоглу, на БиХ Бисера Турковиќ и на Ватикан, надбискупот Пол Ричард Галагер.

Османи најави дека на собирот ќе учествуваат и сите претставници за Западен Балкан – од САД Габриел Ескобар, од ЕУ Мирослав Лајчак, од Обединетото кралство Стјуарт Пич, и од Германија Мануел Сарацин, што, како што рече, ќе биде за првпат сите четворица специјални претставници за регионот да бидат на едно место или на еден панел и тоа во регионот.

Во пресрет на Преспа форумот, Османи го најави и настанот што ќе се одржи за една седмица, на 25 мај, во Клубот на пратениците насловен „Патот до Брисел“, на кој ќе учествуваат признати експерти, претставници на домашни и регионални институти и тинк тенкови. Во овој контекст Османи ја најави и посетата на грчкиот министер за надворешни работи Никос Дендиас, кој ќе дојде во Скопје на 25 мај. (Н.В.)