Нема никаква гаранција дека субвенционираните инвентери ќе се инсталираат, а нема да се препродадат


Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска се надева дека инвертерите за кои министерството дава до 30.000 денари субвенција, ќе бидат инсталирани во домовите на граѓаните кои ја добиле поддршката, но нема начин како тоа да се санкционира. 

– Јас се надевам дека ќе бидат искористени за тоа што сакаме да помогнеме како влада за инсталирање на инвертери. Доколку некој смета дека тоа не е доволно и прави нешто што е спротивно на законот, тоа ќе биде санкционирано. Меѓутоа ние се надеваме дека ова е за ранливи категории и за енергетска ефикасност. Се надеваме дека ќе нема такви злоупотреби – рече Божиновска, која денеска го посети пунктот за доделување ваучери за инвертери кој денеска е поставен во салата „Борис Трајковски“, каде скопјани може да ги подигнат вауќерите. Таму, од утрово има редици граѓани кои чекаат да потпишат договор за да го подигнат ваучерот.

Токму тоа потпишување договор е причината зошто ваучерите не беа доставени по пошта, затоа што смета министерката, ќе требаше многу време да се достават, а потоа договорите да се вратат потпишани во министерството. Додаде дека граѓаните не мора денеска, во работен ден, да чекаат повеќе часови пред салата, затоа што во следните 24 дена имаат време да ги подигнат од Министерството за енергетика, рударство и миниерални суровини, каде пак, имаат спремна екипа. 

Дополнително рече дека нема ограничувањеза тоа кога ќе бидат инсталирани купените инвертери, а единствен услов за да се искористат доделените пари, е инвертерите да бидат купени до 30 ноември. 

Кога беше промовирана мерката, тогашниот министер за економија Крешник Бектеши појасни дека за да го остварат правото на учество по овој јавен оглас, домаќинствата во изминатите три календарски години треба да не користеле средства од кој било извор за надомест на трошоци за грејни уреди – печки на пелети или високоефикасни инвертер клима-уреди, да немаат приклучок на градско централно греење во станбениот објект каде што ќе биде инсталиран уредот. Покрај тоа, уредот ќе треба да биде купен и вграден во текот на 2024 година, најдоцна до 30 ноември годинава, на адресата која е наведена во барањето. 

Но, во меѓувреме, имаше парламентарни избори, се смени власта, па парите место да се доделат веднаш по завршувањето на јавниот повик, остана нивната распределба да биде обврска на новата влада. Веројатно, затоа што ваучерите се доделуваат од денеска, нема да има време ниту ресурси тие да се купат и да бидат инсталирани до 30 ноември.