Нема – може да има – жално е да има: Мицкоски за можните предвремени избори
На Македонија толку добро ѝ одело економски што нема потреба од нови избори, вели премиерот

Во рок од седум-осум дена премиерот на три пати го менува својот став околу можните предвремени парламентарни избори по локалните.
Во интервју за „360 степени“ тврдеше дека сигурно нема да има, без оглед на резултатите; по неколку дена на средба со бизнисмени во Струмица ја остави вратата отворена за нови избори, а денес вели дека ќе било жално ако со гласање напролет биле запрени добрите економски резултати. Изминативе денови потпретседателот на ДУИ и кандидат за градоначалник на Чаир, Бујар Османи, тврди дека предвремени избори сигурно ќе има, затоа што каолицискиот партнер на Мицкоски во владата, „Вреди“ ќе доживеел голем пораз и со тоа ќе го загубел легитимитетот (што го нема).
„Како политичка партија го ставаме државиот интерес пред партиските емоции“, рече Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање од што ќе зависи дали по локалните избори ќе се одржат и предвремени парламентарни на што повикаа опозициските партии.
Според Мицкоски, „жално е позитивните индикатори во државава да бидат прекинати со предвремени парламентарни избори“. Премиерот денеска имаше средба со претставници на Стопанска комора на северо-западна Македонија, во рамки на изборната кампањ. Тој рече дека Владата има полн легитимитет, а дека политички партии што повикуваат на предвремени избори немаат програма за мобилизирање на своите гласачи освен поделби и националистички испади.
„Повеќе од 600 илјади граѓани на изборите минатата година гласаа за оваа Влада. Јас разбирам дека има политички партии кои освен поделби, и би рекол националистичи испади немаат друга програма за да ги мобилизраат своите структури и гласачи. Единствената работа што можат да ја направат е да повторуваат предвремени избори. ВМРО-ДПМНЕ убедливо ги победи во 2021 година со историски резултат на локалните избори, па беше во опозиција три години, па дојдоа парламентарни избори, убедливо ги победи со историски резултат. Денеска сме Влада. Еве денеска излегува ревидиран БДП за 2024 година од три проценти, еден од најголемите во Европа… Одиме и над тоа. Тоа е над сите очекувања на Меѓународниот моментарен фонд и Светска банка. Би било навистина жално ако сите овие позитивни индикатори ги прекинеме со предвремени парламетарни избори. Ние како политичка партија го ставаме државниот интерес пред партиските емоции“, рече Мицкоски.
Државниот завод за статистика денеска објави претходни податоци за БДП за 2024 година, според кои реалната стапка на раст на бруто-домашниот производ (БДП) во 2024 година, во однос на 2023 година, e 3 проценти.