Нема гаранција дека „бомбите“ на Ел Чека не излегле од СЈО
Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева не гарантира дека „бомбите“ што ги објавуваше кичевецот на својот фејсбук-прифил под име Ел Чека, не излегле од СЈО. Таа потврди дека дел од „бомбите“ кои беа објавени ги поседува и СЈО, но уште истражува од каде излегле, откако на СЈО му ги предаде тогашната опозиција.
„Дадов налог да се истражат ‘бомбите’ и по хард-дискот да се утврди времетраењето, па да се идентификува со тие разговори. Информатичарите ги анализираат, но поголем дел од нив се на албански јазик и треба да се преведат“, рече Јанева.
Профилот од кој се објавуваа „бомбите“ вчера не беше активен. Ел Чека предупреди дека ќе има уште „пострашни бомби“, ако не се спроведе меѓународна истрага за настаните во Диво Насеље, како што ветуваше ДУИ. Според него, бомбите ги добил од „Кумановската група“, чии членови се неправосилно осудени и се наоѓаат во Шутка.
Според професорот Никола Тупанчевски, државата треба да има единствен став во однос на прислушуваните разговори и потсетува дека според Европскиот суд за човекови права нелегално прислушувани разговори во одредени случаи може да се користат како доказ, а тоа треба да се однесува и на новообјавените разговори на социјалните мрежи.