Нема да има ветинг ако нема меѓународна поддршка

Во ветингот мора да се вклучат ЕУ и САД. Ако тие не се дел од овој процес, нема да го почнеме, вели министерот за правда Кренар Лога


 
Без меѓународна поддршка, министерот за правда Кренар Лога не планира да спроведе ветинг во судството, иако лично смета дека мора да се спроведе.
 
„Во Министерството нема никаков документ поврзан за ветингот, нема ни буква ‘В’. Ние стоиме на ставот дека мора да има ветинг, но во овој ветинг мора да се вклучат ЕУ и САД. Ако тие не се дел од овој процес, нема да го почнеме“, рече Лога.

Според неговата оценка, Македонија е далеку од Албанија кога во прашање криминалот и корупцијата во правосудството, односно е на далеку подобро ниво. Тој се среќавал со функционери од Албанија за да се види каква тактика примениле за ветингот, нагласувајќи дека таму на самиот почеток на процесот околу три четвртини од судиите и обвинителите сами се откажале од функциите.

„Македонија не може да се споредува со тоа. Далеку сме подобри – еден спрема 100. Во Македонија денес се работи со 50 отсто од капацитетот на обвинители. Од тие 50 отсто, кои се дел од системот, над 25 отсто се ангажирани 10 години. Судството работи со две третини од капацитетот, а една третина од нив се вклучени во последните 10 години. Нема да е исто со тоа во Албанија, ни од блиску ни од далеку. Кај нас за ветингот треба повеќе ангажман“, додаде тој, забележувајќи дека разликата е што ветингот овде треба да ги вклучи и политичарите.

 Запрашан дали во текот на мандатот од година и некој месец ќе успее да го спроведе ветингот, Лога рече: „Било што да кажам е многу рано. Сите политички партии начелно се за ветинг, ако опстојат на овој став, тогаш ќе биде лесно“.

Запрашан што ќе преземе против судиите за кои и во извештајот на Стејт департментот стоеше дека носат сомнителни одлуки, односно не судат туку ослободуваат со намерно лоши извештаи, со развлекувања или за пари, Лога рече  за сите такви кадри треба да има дисциплински мерки. 

„За сите овие кадри што свесно или несвесно работат на застарување на предмети треба да има  дисциплински мерки или разрешувања“, рече Лога, додавајќи дека со писмо ги предупредил судиите за ваквата можност пред застарувањето на делата против Сашо Мијалков. Сепак, не можеше да каже дали ќе се продава и кога запленетиот имот на Мијалков од страна на државата, соопштувајќи дека со години не можел да се наплати и конфискуван имот од половина милион евра и на наш државјанин што живее во Германија.

Околу дискриминацијата, на која се пожали поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, дека не и се овозможува пристап до отворено одделение во затворот „Идризово“ за отслужување на казната, Лога најави дека работи на тоа и дека очекува решение за еден месец. Тој наедно го прогласи за застарен АКМИС системот за распределба на судските случаи, правејќи споредба на стара „нокиа“ со најнов модел на „ајфон“, поради што најавил во Владата дека ќе аплицира за норвешки кредит со кој ќе обезбеди интегриран дигитален судски систем, како што веќе со години имало Косово. Преку тој систем сите заинтересирани ќе можат директно да се информираат во која фаза им се случаите, кој судија што суди и слично. Лога наедно најави и дека ќе бара нови вработени, бидејќи имало само 104 и му недостига кадар во неколку одделенија во Министерството за правда.