Не секој маж е џентлемен, ниту пак секоја жена е цвеќе за мирисање

Некој на шопинг, некој на протест: Како ќе се слави утре Осми март ?


Фото: Б. Грданоски

Утре, зад секое подарено и примено цвеќе се крие една желба, мит, заблуда, лага или вистина за тоа кои сме, што сме, што сме сакале да бидеме, до каде сме стигнале или во што сме се претвориле, дали сме напредувале, стагнирале, или сме се вратиле назад, со зборовите, делата, постапките, однесувањето, како поединци или држава, дали сѐ уште очекуваме, се надеваме, или пак откриваме дека не секој маж е џентлемен, ниту пак дека секоја жена е цвеќе за мирисање, дека е тешко со жените, а уште потешко без нив, дека мажите сѐ уште ништо не научиле за жените, ама фала богу, жените ги научија мажите. 

Утре, е денот, кога, наводно, жените, не го слават, не се дотеруваат, не одат на фризер, не очекуваат посебно внимание, подарок или цвеќе.

Утре, е денот, кога, наводно, мажите, не се внимателни, не се љубезни, не подаруваат цвеќе, ниту покануваат на ручек или вечера.

Утре, е наводно, нормален ден, како ѝ сите останати 364 дена во годината, зашто жените заслужат секој ден да им е 8 март, а тоа мажите го повторуваат како папагали со зборови, но не и со дела.

Всушност, утре, е денот кога жените посебно се дотеруваат, посебно очекуваат внимание, подарок или цвеќе, од машкиот пол.

Утре, е денот, кога мажите се посебно внимателни кон жените, заради мир во куќа или на работа. 

 
Дилемата утре ќе биде, на протест или на шопинг, и поради викендот и топлото време.
 
Веќе  се распродадени шопинг турите во регионот, сосе Солун, а активистките и поддржувачите на женските права, ќе се појават на протести во Скопје и ширум Македонија. 
 
Оваа година 8-мо мартовскиот протест во Скопје е под мото “Нека јадат ружи” . Се тргнува од 13 часот, пред Универзална.

Форумот на жени на СДСМ утре во Струмица организира осмомартовски марш под слоганот „Исправени заедно, за еднаквост, правда и мир“. Маршот ќе почне во 12 часот, на кружниот тек кај улица „Ленинова”.

И на крај, како да останете доследни на принципите, верувањата и воспитувањето во свет, каде што половите ги сменија улогите? Мажите станаа жени, жените станаа мажи. Жените попримија агресивност, мажите добија на женственост. Тренд е жените да носат машки костуми. Тренд е мажите да носат  златни синџири околу вратот, обетки на ушите, прстени на рацете, лак на ноктите, или фустани на црвените килими. Жените станаа кариеристки.Мажите станаа врвни готвачи. Жените избираат. Мажите чекаат да бидат избрани…

Толку од еманципацијата.

Честит 8 Март!

 

Л. Сабит