Некои работи можеш сам да ги испланираш, а некои работи мораат тебе да те испланираат: Влатко Стефановски за двата јубилејни концерти во Скопје

Можеме да мечтаеме различни работи, но не значи дека може да ги добиеме, рече денес на пресот, Влатко Стефановски


Фото: Б. Грданоски

После распродадени концертни сали во Лондон, Виена, Осијек, Загреб и Белград, гитарската легенда Влатко Стефановски, ќе го заокружи и одбележи 50-годишниот јубилеј и во Скопје. Концертите ќе бидат пресек на неговата долга и успешна музичка кариера, почнувајќи од „Леб и сол“ до неговата соло кариера. Публиката ќе ужива во спој на инструментален рок, етно-џез, блуз и македонска традиционална музика.

Фото: Б. Грданоски

Денеска заедно со менаџерот Томислав Кашљевиќ, од „Мјузик тајм“ од Загреб и музичката уредничка на Кроација рекордс Клаудија Чулар, Стефановски ги најави двата последователни концерти кои треба да се случат на 9 и 10 мај во Македонската филхармонија, и го претстави неговото тројно винил издание „London Sessions“ снимено во познатото музичко студио „Abbey Road“ во Лондон. Прес-конференцијата во Скопје ја водеше музикологот Бранка Костиќ-Марковиќ која рече дека по сите лоши нешта кои ни се случија изминатиов период, концертите на музичари како Стефановски се знак на надеж.

Медиумската елита беше на пресот во Аудиокултура/ Фото: Б. Грданоски

За богатата 50-годишна музичка кариера, Стефановски рече дека не сака да прави ретроспектива, додека пак, за неговото најново издание и снимањето во студиото „Аbbey Road“, каде имаат снимано безброј музички светски легенди, рече „се работи за нешто кое не му се случува на секој музичар“.

– Мене ми е малку патетично да зборам кај сѐ сум бил, што сѐ сум направил, меѓутоа, поминале 50 години и покрај бројните непријатни работи што сум ги доживеал на приватен план, се случуваат и некои работи со кои што можам да се пофалам. Бескрајно сум благодарен поради ова издание „London Sessions“. Се работи за нешто кое не му се случува на секој музичар и порано сум кажал дека некои работи можеш сам да ги испланираш, а некои работи мораат тебе да те испланираат. Можеме да мечтаеме различни работи, но не значи дека може да ги добиеме. Јас сум од дете задоен, благодарение на мојот брат Горан Стефановски, со музиката на Битлси и ги знам сите нивни албуми и песни. Да се дојде во тој храм на популарната музика е навистина остварување на детски сон, рече Стефановски. 

На пресот во Аудиокултура беше и Иван Бечковиќ од „Кроација рекордс Македонија“ кој во Скопје се дружеше со гостите од Хрватска

Посочи дека албумот бил снимен во два дена, во сесии по 10 часа, при што биле снимени 23 песни.

– Имав можност во тоа студио заедно со моите соработници и луѓето од „Croatia Records“ да поминам два дена по 10 часа во студиото три и да снимиме 23 нумери. Тоа беше истоварување на еден материјал којшто го свирам или сум го создавал пред 20,30 или 40 години, рече Стефановски.

„Навистина ни е многу драго што можевме да направиме нешто , еден мал исчекор во таа музичка историја. Да не биде тоа само уште една компилација , да не биде само уште еден пресек на една сјајна, импресивна педесетгодишна кариера. Туку сето тоа заедно е еден нов студиски албум, кажа Клаудија Чулар, музички уредник во Кроација Рекордс.

Менаџерот Кашљевиќ кој ги организира јубилејнте концерти на Влатко и соработува со него активно пет години, рече дека со Влатко Стефановски е лесно и тешко да се работи. Лесно, затоа што тој откако ќе му се исполнат сите организациски услови дава сѐ од себе, полни сали и луѓето што го слушаат ги прави среќни, а тешко оти не е лесно да се исполни и она што се бара.

Фото: Б. Грданоски

Стефановски се пофали дека пред извесно време доживеал уште едно големо признание, односно жици за гитара „Thomastik-Infeld“ од Виена, со негов потпис, на кои, како што рече, првиот ендорсер им е гитарост Џорџ Бенсон, а вториот токму тој – Влатко Стефановски. 

– Доживеав уште едно големо признание, жици „Thomastik-Infeld“ од Виена, со мој потпис, со мое име. Навистина ми е чест, затоа што првиот ендорсер им е гитаристот Џорџ Бенсон, вториот сум јас. На мои пријатели гитаристи им ги делам тие жици со големо задоволство, истакна Стефановски. 

Јан Стефановски, Иван Кукиќ и Дамир Имери/ Фото: Б. Грданоски

На концертите во Филхармонија, гостуваат Дамир Имери, Бајага, македонскиот кларинетист Горан Бојчевски којшто живее и работи во Словенија, триото „Струмица“ како придружни вокали, додека како дел од бендот ќе бидат Иван Кукиќ и Јан Стефановски.

„Некои ќе речат дека Јан го протежирам затоа што ми е син, но тој го заслужи местото во триото. А Иван Кукиќ е едно чудо од музичар, според мене, најдобар басист во регионот. Кој инструмент сакаш дај му да свири, тој ќе отсвири, а и ќе отпее. Пред седум години, како многу млади ги фрлив во ладна вода, на голема сцена, како предгрупа на Стинг и ја оправдаа довербата“, кажа Стефановски.

Стефановски на крајот ги почести гостите на пресот со специјалното црвено вино „Барово“ на Тиквеш со негово име/ Фото: Б. Грданоски

И клавијатуристот Дамир Имери го нарече чудо од музичар кој лесно одговара на сите предизвици. Имери гостуваше на балканските концерти на Стефановски, а ќе гостува и на скопските. (Л.С.)