Неделава за прв пат нема пријави за нови случаи на голема кашлица


Фото: Б. Грданоски

Од почетокот на епидемијата на пертусис, која трае безмалку една година, неделава за прв пат нема пријави за нови случаи на голема кашлица, соопштува Институтот за јавно здравје (ИЈЗ). Како што се наведува во извештајот на ИЈЗ, во периодот од 6 декември до 12 декември, не се пријавени нови случаи на голема кашлица, за разлика од претходниот седмодневен период кога биле пријавени три случаи.

„Во 2024 година, заклучно со 12.12.2024, на територијата на Република Северна Македонија, регистрирани се вкупно 1.171 лице, заболено од голема кашлица. Најголем број од заболените лица се регистрирани на територија на Скопје (70,5%), а заболени се регистрирани и во 22 други градови низ РСМ. Се уште, во тек се две епидемии на ниво на територијата на Скопје и Куманово“, наведено е во извештајот.

Во однос на препораките, за да се превенира појавата на нови случаи на голема кашлица и да се спречи понатамошно ширење на заболувањето потребно е: Да се зголеми опфатот со примарната вакцинација со вакцина која ја содржи компонентата против голема кашлица со цел да се достигне опфат од 95 отсто

„За таа цел, во сите вакцинални пунктови на територијата на РСМ потребно е да се врши засилена и континуирана проверка на лицата кои подлежат на редовна вакцинација, и да се повикуваат за апликација на потребните дози на вакцина. Дополнително, потребно е засилено активно избарување на неевидентирани, невакцинирани и некомплетно вакцинирани лица, со цел нивно повикување и вакцинирање согласно националниот Календар за имунизација“, пишува во препораките.

Голема кашлица во Р.С. Македонија се регистрира со спорадични случаи во последните 20 години (во просек 6). Порастот на бројот на невакцинирани деца (пад на опфат со задолжителна имунизација), антивакциналните кампањи, но и колебливоста на родителите во однос на имунизацијата доведуваат до повторна појава на вакцино-превентабилни заболувања во Р.С. Македонија. Имајќи го во предвид претход

На 7 февруари годинава, КЗБ препорача да се прогласи епидемија на голема кашлица во Скопје. Тие предложија и ако едно дете примило две дози вакцина за пертусис, ќе мора да ја прими и третата доза, за да може оди во градинка, со цел да се примаат само целосно вакцинирани деца.

Од големата кашлица или пертусис најчесто заболуваат деца на возраст од една до пет години, но и доенчиња. Периодот на инкубација (првиот стадиум на болеста) потсетува на настинка со кашлица, а потоа преоѓа во напад на испрекинато кашлање. Кај малите деца кашлањето може да доведе до прекин на дишењето и со тоа може да се загрози животот. Со текот на времето, нападите на кашлање стануваат поблаги и проретчени.