Недела на ЦЕФТА 2021: Година на надминување пречки и важни чекори кон поефикасна трговија во регионот


Подобрување на движењето на стоки и услуги и поефикасна трговија во регионот, беа во фокусот на дебатите на централниот завршен настан на годинашната „ЦЕФТА недела“ која собра над 300 учесници од седумте членки на оваа меѓународна организација. Оваа година беше и прва година на имплементација на Акциониот план за Заедничкиот регионален пазар.  Со поддршка на Европската комисија и Регионалниот совет за соработка преземени се сериозни чекори за приближување кон заедничкиот европски пазар.

Министерот за економија Крешник Бектеши ја истакна важноста на ЦЕФТА за развој на регионалниот пазар и економско закрепнување од последиците од ковид-19 пандемијата.

„Оваа година успеавме да започнеме и завршиме важна работа во рамките на македонското претседателство со ЦЕФТА организацијата и спроведувањето на Акцискиот план за заедничкиот регионален пазар. Наше е да продолжиме да ги исполнуваме нашите обврски и понатаму да го развиваме Договорот преку создавање поволни услови за трговија за бизнис секторот и стимулирање на конкуренцијата. Во рамките на нашето претседавање со бројни тела на ЦЕФТА и преку преговори за воспоставување механизам за решавање спорови, го подобривме слободното движење на стоки преку елиминирање на бариерите, постигнавме напредок во слободниот проток на услуги и го подобривме институционалниот капацитет во структурите на ЦЕФТА“, рече Бектеши.

Директорот на Секретаријатот на ЦЕФТА, Емир Џикиќ, ја истакна важната улога на ЦЕФТА во промовирањето на подобри трговски услови во последните 15 години: „Студиите покажаа дека договорот ЦЕФТА придонесе за растот на извозот на членките меѓу 40 и 80 проценти. Она што сега е најважно е иднината и потенцијалите што таа ги носи, а тоа е зголемување на БДП за околу 6,7 отсто ако ја доведеме ЦЕФТА на ниво на интеграција што постои во Европската Унија. Оваа година ги направивме првите чекори во таа насока“.

Клучните достигнувања според ЦЕФТА Договорот за 2021 година се промена на правилата за потеклото на стоките, што влијаеше на поголема флексибилност и донесе дополнителни придобивки за стопанството; завршена е одлуката за електронска трговија во рамките на ЦЕФТА; одлуки за признавање на програми за ОЕО и професионални квалификации кои се усогласени на експертско ниво; постигнат е значителен напредок во преговорите поврзани со Дополнителниот протокол 7, кој е механизам за решавање спорови и Одлука за отстранување на работните дозволи за лицата кои нудат услуги и трансфери внатре во компанијата; зелените ленти се проширени на сите премини во рамките на ЦЕФТА, што овозможи побрз и побезбеден проток на основните стоки. Отворен е нов портал на кој се прикажуваат податоци поврзани со зелените ленти и времето на чекање на премините, што ќе придонесе за уште подобра контрола на трговските политики. Започнат е дијалог за проширување на иницијативата и на соседните земји-членки на ЕУ; лансирана е платформата за електронска размена на податоци SEED +. Ќе ја поддржи размената на сертификати неопходни за премин на стоки, како што се електронските сертификати, со цел да се воспостави „трговија без хартија“. Исто така, SEED + ќе придонесе за побрза размена на податоци од неусогласени пратки за земјоделски производи, со цел целосна заштита на потрошувачите; спроведени се три пилот-проекти на Заеднички царински активности поврзани со празни камиони, нелегална трговија со тутун и трговска марка за интелектуална сопственост како чекор кон воспоставување на Стратегијата за управување со царински ризик.

Три панел дискусии со наслов „Олеснување на трговијата преку признавање на сертификати и процедури“, „Трговија со услуги и лиценци, квалификации и лиценци“ и „Права на интелектуална сопственост во трговијата и промоција на инвестициите“ се фокусираа на идентификување на програми насочени кон интегрирање на седум пазари во еден и обезбедување ефикасни и евтини методи за пристап до пазар од 20 милиони луѓе и консолидирана економија во вредност од 120 милијарди долари.

Северна Македонија го предава претседавањето со ЦЕФТА на Молдавија, која ќе ја има оваа улога во 2022 година, со ветување дека ќе продолжи да работи на промовирање амбициозни планови поврзани со трговијата.

Неделата на ЦЕФТА беше организирана во соработка со партнери од Канцеларијата за интелектуална сопственост на Европската унија, ГИЗ, УСАИД Северна Македонија и Форумот на Стопанската комора на Западен Балкан, со поддршка на Европската комисија.

На прес-конференцијата Бектеши и Ѓикиќ, сумирајќи ги резултатите и достигнувањата од едногодишното претседавање на земјава со ЦЕФТА рекоа сите технички работи веќе се усвоени и реализирани, а некои одлуки кои не се донесени, не е по вина на сите странки на Секретаријатот на ЦЕФТА, туку станува збор за политичка волја на некои држави. Како главен и многу важен е идентификувањето на сите нетарифни бариери, се со цел да се укинат и да се олесни трговијата.

Ѓикиќ рече дека една година по Софискиот самит, под водство на Северна Македонија, се започнати процесите на преговори со земјите од Европската унија за проширување на зелените ленти во насока кон ЕУ членките.

– Северна Македонија доби позитивен одговор од грчките власти и ние се надеваме дека првиот договор меѓу државите ќе биде на почетокот од 2022 година. Им овозможивме на странките да спроведат дел од активностите поврзани со управување со ризик, спроведување заеднички акции за управување на ризици каде што сите страни се присутни и ги проверуваат истите работи што им овозможува пократко време на економските оператори да ги поминат границите отколку што е тоа случај сега. Имаме мерила мерки за времето на чекање и се стремиме да го намалиме тоа време за 30 проценти во споредба со времето пред пандемијата. За жал, можевме веројатно повеќе да направиме. Се надевавме дека оваа ќе биде година по пандемијата, дека ќе претставува економски бум по пандемијата. За жал, сè уште ја имаме пандемијата и се надеваме дека таа ќе помине и наредната година ќе постигнеме многу повеќе, рече Ѓикиќ.

Трговските договори за 2022, додаде тој, се преговараат од сите страни и ќе им овозможат на малите и средните претпријатија да ја прошират својата трговија во рамките на регионот.

– Работиме со туроператорите и туристичките агенции за да имаме прв договор за меѓусебно признавање каде компанија која е регистрирана во една од членките на ЦЕФТА да се прифаќа и во сите земја на ЦЕФТА. Ова се мерки кои им се потребни на трговските оператори за да бидат поконкурентни во регионот, а со цел да се подготват да влезат на единствениот пазар е новиот Економско инвестициски план кој ни овозможува постигнувањата во рамки на ЦЕФТА да бидат признаени од страна на ЕУ. Овој пристап ќе биде овозможен во претстојниот приод за пристапување во ЕУ. Што побрзо го направиме ова, толку поконкурентен ќе ни стане регионот и толку побрзо ќе се приклучиме кон ЕУ. Сè уште сме тука, веќе 15 години за жал, доцниме и треба сериозно да се зафатиме со оваа работа и да се обидеме да обезбедиме поттикнување на процесите за да ја постигнеме целта на сите нас, а тоа е пристапување во ЕУ, рече Ѓикиќ

Бектеши ја истакна одличната соработка што ја имале со Секретаријатот и најави дека ќе продолжат да соработуваат во таа насока, се со цел да се придонесе за зголемување на конкурентноста и стандардот на живеење на граѓаните од Северна Македонија, но и на сите земји членки на ЦЕФТА.