„Небесна светлина“- Елена Митревска настапи со Данскиот национален вокален ансамбл во Копенхаген


Foto: Flemming Bo Jensen

Македонската диригентка Елена Митревска која живее и работи во Шведска, неодамна настапи со престижниот Дански национален вокален ансамбл. Во текот на три концертни вечери во Мермерната црква во Копенхаген, Митревска диригираше дела од дански, но и од композитори од светската музичка ризница кои истовремено беа проследени со спектакуларни светлосни ефекти дизајнирани специјално за настанот од Кристијан Вајнберг Бонде.

Foto: Flemming Bo Jensen

Концептот со наслов „Небесна светлина“ има за цел да постигне комплетно доживување во кое светлосните ефекти се во комплетна хармонија со музиката која се изведува со цел да се постигне ефект на едно деноноќие. Инаку, ова не е прв настап на Елена Митревска со Данскиот вокален ансамбл кој важи за еден од водечките хорови во Скандинавија и во Еропа. Нејзиното постојано работно место како главен хорски диригент е во операта во Малме каде во следната сезона ќе ја диригира  продукцијата на операта „Кармен“ од Жорж Бизе.

Foto: Flemming Bo Jensen

Македонската публика неодамна имаше можност да ја види Елена Митревска во Скопје, каде со Македонската филхармонија настапи на популарниот новогодишен концерт, a ќе настапи и со камерниот оркестар „Ајга“ на фестивалот „Денови на македонска музика“.