Не е само културата. И други институции немаат исплатено плата, вели претседателот на ССМ, Трендафилов

„Не е време за пиво и скара, време е за работнички права“. ССМ годинава на 1 Мај, наместо марш, ќе организира протест за подостоинствени плати и услови на работа


Покрај вработените во културата, кои вчера протестираа за своите неисплатени плати, и други државни институции немале исплатено мартовски плати, обвини денеска претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија, Слободан Трендафилов. Според неговите сознанија, тоа се и вработените во Министерството за економија и труд, Државниот пазарен инспекторат, Водостопанство, Државниот испекторат за труд и тн. Зборувајќи на прес – конференција во седиштетото на ССМ, Трендафилов ги повика сите синдикати, работници и граѓани на масовен протест на 1 Мај годинава на кој ќе го искажат своето незадоволство од ниските плати и недостоинствените услови за работа.

„Не е време за пиво и скара, време е за работнички права“, рече Трендафилов на прес конференцијата на која образложи зошто годинава наместо традиционалниот синдикален марш, ќе се одржи работнички протест. Протестот, како што рече, ќе започне на 1 Мај во 11 часот пред Работничкиот дом во Скопје.

„Ги повикуваме синдикатите здружени во ССМ и нивните  членови, како и другите синдикати, работниците, граѓаните, борците и активистите за работнички  права и сите оние кои му мислат добро на работникот да ни се придружат на овој 1 Мај преку протест да изразиме работничко незадоволство поради тоа што платите во Македонија се мизерни, не се зголемуваат онака како што е предвидено со колективните договори, одбиваат и Владата и работодавачите да ја зголемат минималната плата на 500 евра и сите останати плати за најмалку 100 евра“, рече Трендафилов.

Тој нагласи дека недостоинствените услови за работа и недостоинствените плати се главен мотив оваа година на 1 Мај да се организира протест, наместо марш.

„Сите работници кои сметаат дека имаат ниски примања, дека се понижени од нивните работодавачи, треба да застанат рамо до рамо со ССМ во борбата за подобрување на работничките права, за достоинствени плати и достоинствени услови за работа“, рече Трендафилов.

Тој додаде дека денес не е време кога треба да празнуваме, туку треба да се менува традицијата и како и сите останати земји во ЕУ да се излезе на протест и на таков начин да се изрази работничкото незадоволство.

„Има многу причини ‘за’ и ниту една ‘против’ излегувањето на протест на 1 Мај. Денеска за жал, огромен број работници во приватниот сектор немаат добиено плата за месец март. Денеска огромен број институции во јавниот сектор немаат добиено плата за месец март“, рече Трендафилов.

Одговарајќи на новинарски прашања, тој рече дека покрај вработените во културата кои вчера излегоа на протест, до утринава според негови сознанија и вработените во дргуги институции се уште се без плата за март.

„Вработените во Министерството за економија и труд се уште не ја добиле нивната плата. Вработените во Државниот пазарен инспекторат кој треба да ги спроведува мерките на Владата и да ги контролира нефер трговските практики, исто така според моите сознанија немаат добиено плата“, рече Трендафилов.

Тој додаде и дека вработените во дел од Јавното Обвинителство немаат добиено плата, вработените во Водостопанство, каде што имало голем удар врз работниците да се зачленат во друг синдикат, се уште ја немале добиено платата и нема ниту изгледи кога ќе ја добијат.

„И други институции во јавниот сектор за жал се уште ја немаат добиено платата. Сабајле добив информација дека дури и Државниот инспекторат за труд се уште нема исплатено плата на вработените. Овој инспекторат треба најмногу да помага на работниците и да ги спречи сите неправилности за исплаќањето на платите во приватниот и во јавниот сектор“, рече Трендафилов, посочувајќи дека станува збор за „голем број на работници кои денеска по Велиденските празници се уште ја немаат добиено платата“.

Зборувајќи за условите за работа Трендафилов посочи дека во Македонија се потешко се живее и дека граѓаните и работниците се потешко можат да се ги дозволат и најнеопходните основни прехранбени производи.

Одговарајќи на прашања на новинарите Трендафилов се осврна и на утврдувањето на репрезентативностана синдикатите. Како што рече, до сега процедурата за утврдување на репрезентаивност е на половина, односно биле преброени половина од синдикатите и половина од членовите на ССМ.

„Минатата недела и оваа недела за жал не е закажана седница на Комисијата за утврдување на репрезентативност. Ќе видиме дали тоа ќе биде направено наредната недела пред 1 Мај или после 1 Мај“, рече Трендафилов.

Според него, симптоматично е што на ваков начин се одолговлекува седницата на Економско социјалниот совет на која треба да падне договор дали ќе има зголемување на минималната плата или ќе нема, односно дали ќе го одбијат предлогот на ССМ имајќи во предвид дека е оневозможено учеството на претставниците на работниците.

„Она што загрижува уште повеќе е што во моментот сите се против ССМ, и Владата, работодавачите, но и други синдикати. Само затоа што бараме зголемување на платите односно достоинствени плати и услови за работа“, рече Трендафилов.

„Пет месеци чекаме утврдување на репрезентативност, за да седнеме на масата како рамноправен партнер и пет месеци чекаме да се зголеми минималната плата на најмалку 500 евра“, додаде тој. (М.Ј.)