Не помина интерпелацијата на вицепремиерот Димитров


Фото: Б. Грданоски

Со мнозинство од два гласа вечерва беше одбиено барањето за интерпелација на вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров. Во јаловата повеќечасовна пи-ар расправа чиј епилог беше предвидлив се слушнаа повеќедециниските обвинувања за некакво национално предавство и загрозување на идентитетот, овојпат главно поврзани со Преспанскиот договор и Договорот за пријателство со Бугарија.

На говорот на пратеникот од Левица Димитар Апасиев, кој го обвини Димитров дека бил врбуван од ЦИА, за реплика се јави Арбен Зибери од ДУИ.

– Немав намера да се јавам за реплика. Но, ме заинтригира една негова реченица, кога кажа дека Димитров во 2001 година, бил на страната на непријателот. Сметам дека тоа е негов лапсус отколку дека така мисли. Ако мисли дека Димитров бил на страната на непријателот, колегата Апасиев треба да каже кого смета за непријател, рече Зибери, додавајќи дека многу такви политичари со таква реторика ја завршиле политичката кариера.

По репликата на Зибери, собраниската расправа продолжи со говор на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Тимчо Муцунски, кој рече дека Владата, од која дел е и Димитров, за време на предизборната кампања дала ветување дека Македонија формално ќе ги започне преговорите со ЕУ до крај на годината или до крај на 2020 година, што не се случи.

– Давањето на лажни ветувања во политиката ја отвора дилемата за враќање на мандат. Актуелниот заменик-претседател на Владата пред неколку месеци беше и прв човек на МНР, беше во постапка за постигнување на Преспанскиот договор, како и на оној за добрососедство со Бугарија. Тоа се два асиметрични договори кои беа презентирани како извонреден успех, од нив произлегуваат само проблеми и последици, рече Муцунски.

Тој напомена дека за решенијата во овие договори не бил воден соодветен демократски дијалог и не била вклучена пошироката експертска јавност. Муцунски забележа и на тоа дека Димитров во два наврата беше повикан пред Комисијата за надворешни работи во Собранието да се разговара за прашањето со Бугарија и блокирањето на патот кон ЕУ, а тој не се појавил да реферира по овие прашања.

– Потребно е да констатираме дека за неприфатливиот, навредувачкиот однос и блокирање на патот кон ЕУ од страна на Бугарија, а тоа значи и негирање на идентитет, посебност, немаше институционален одговор, истакна Муцунски, кој рече дека е потребно национално единство и соработка за да се дојде до поприфатливи и достоинствени решенија.

Пратеникот од Партијата на пензионерите Илија Николовски во својот говор рече дека и денеска Собранието продолжува со бесмислени пленарни седници кои ги приредува опозицијата.

– Денеска пукате во празно, барајќи интерпелација за еден од најуспешните министри. Со интерпелацијата покажувате дека се однесувате неодговорно, деструктивно и антидржавно. Во времето кога министер за надворешни работи беше Никола Димитров, се постигнати најголемите успеси на нашата земја. Република Северна Македонија стана членка на НАТО, а вие од опозиција не се радувавте, иако беше остварен генерациски сон од почетокот на нашата самостојност, истакна Николовски.

Тој забележа дека Димитров е најнапаѓаниот министер од опозицијата. Николовски рече дека 27 земји членки на ЕУ се согласиле за почеток на преговори, но дека само Бугарија била против.

– Има сериозни индиции дека ВМРО е понаклонето да му се придружи во нападите на Каракачанов, па некако со заеднички сили да го свиткаат СДСМ и премиерот Заев. Тоа го потврди првиот говорник. Вас ве прашувам, во што е вината на Димитров што Бугарија направи историски погрешна геополитичка одлука, кој никој во светот не може да ја разбере и поддржи, праша Николовски.

Тој рече дека во преговорите со Бугарија, министерот Димитров се покажал како цврст преговрач и не дозволил да се разговара за малцински прашања.

– Макединскиот јазик и нација е неоспорен факт и тоа никој не може да го побие, истакна Николовски.

На говорот на Николовски, му реплицираше претеничката Гордана Силјановска Давкова, која рече дека треба да избегнува злонамерно ширење на лаги како кажаното дека ВМРО-ДПМНЕ е во тесна, тајна врска со ВМРО на Каракачанов.

– Начинот на кој зборувавте, не внесува атмосфера на дијалог, рече Силјановска Давкова.

За контра реплика се јави Николовски, кој рече дека стои зад сето тоа што го кажал, повикувајќи се на анализи на бугарски интелектуалци, кои говореле за врската на ВМРО-ДПМНЕ со ВМРО на Каракачанов.

По репликите и контрарепликите на пратеникот Николовски, за збор се јави пратеникот од Алијанса за Албанците Халил Снопче, кој рече дека евроинтеграциите треба да бидат континуиран процес и дека треба да имаме добри односи со соседите.

– Со членките на ЕУ треба да имаме сериозен пристап оти тие се посилни од нас, имаат право на вето. Факт е дека членството во ЕУ потфрли. Граѓаните не треба да се казнат поради погрешните политики на власта, истакна Снопче, кој рече дека државата не добила датум за преговори поради неисполнувањето на условот добрососедски односи со Бугарија.

– Да ве потсетам на вашето „селфи“ со Бујар Османи и Анѓушев, дека датумот е добиен, а излезе дека е измама, рече Снопче.

Тој посочи дека Димитров не е единствениот одговорен што нема датум за преговори со ЕУ, туку одговорност треба да понесе цела Влада.

По говорот на пратеникот Снопче, се јави вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров, кој рече дека секогаш е штетно кога надворешната политика се употребува во домашни политички цели.

Димитров посочи дека недобивањето на датум за преговори во октомври или во јуни 2019 година нема никаква причинско-последична врска со реформската кондиција кај нас дома. Тој како што рече, лично францускиот претседател Макрон и германската канцеларка Ангела Меркел кажале дека прашањето е поврзано со внатрешната дебата во Франција во однос на реформите во рамките на Европската Унија. Димитров објасни дека од Франција се инсистираше да се смени методологијата на пристапниот процес, да стане пополитички, земјите-членки да имаат поголемо внимание [влијание] и кога некоја земја-кандидат ќе оди назад наместо напред, целиот пристапен процес да оди назад наместо напред.

– Ветувањата за кои нè обвинувате се ветувања на Европската Унија. Пред мене ја имам одлуката од март 2020 година каде вели, преведувам директно од англиски, Европскиот совет одлучи да отвори пристапни преговори со Република Северна Македонија и нема на следната страна услови, истакна Димитров.

На обвинувањата дека власта не внимава доволно на добрососедство, вицепремиерот рече дека низ целиот Балкан, Владата шири еден нов европски приод кон добрососедството.

– Меѓутоа, добрососедството е двонасочна улица и кога од другата страна недостасува повеќе почит и разбирање за тоа што е важно за соседот, тогаш проблематично е како тоа добрососедство ќе се разбира. Ние нема да кренеме раце, ќе бидеме упорни и ќе ги исполниме и двете битни работи – и македонскиот идентитет, што е апсолутно наша работа, и европската иднина и добрососедството со соседна Бугарија, бидејќи мислам дека и тие и ние имаме интерес, се разбира, да бидеме европски соседи како што ни доликува во 21-от век, нагласи Димитров.