Не побегнав од модата, ама имам нова љубов: Разговор со Роберт Ивановски, дизајнер


Од мрачната садо-мазо колекцијата „Edgepla“ од 2011 година која беше инспирирана од Маркиз де Сад, до колекции со симболични наслови „Торео“, „Ранети“… или со колекција со апстрактни принтови на младите сликари Бојан Ковски и Елена Чемерска, дизајнерот Роберт Ивановски, препознатлив по ексцентричноста и мистиката, се врати на модната сцена со летна колекција „Х“ , во неговата, омилена, црна боја. И таа носи со себе симболична порака-десет изгледи, десетта колекција и десет години како дизајнер. Вели, не побегнал од модата, зашто тоа би значело дека бега од себе си, но се посветил на магистерските студии по комуникации и моден стил, а маркетингот е неговата нова љубов.

Каде ја гледа иднината на модата, и како пандемијата влијаеше на него како креативец, во продолжение на разговорот за „Независен“. 

 Учествувавте на 24. Моден викенд чиј фокус беше бавната мода и циркуларната економија под слоганот „Beyond the Fields“ со новата колекција „Х“. Ве привлече темата или сакавте да бидете дел од ваков настан?
– Со Моден викенд- Скопје имаме долгогодишна соработка и секое мое учество на настанот ми е особено драго. Имам убави спомени од истиот, па немаше никакво двоумење кога ја добив поканата за мое учество. Темата и програмата оваа сезона беа привлечни и поинакви од претходните години кога сум бил дел од настанот, што дополнително го доби мојот интерес за овој проект.

Инаку, целата нова колекција е изработена од лен, кој беше одличен природен материјал за топлите денови, црната боја е домининта и се состои од десет изгледи за девојки и момци. Колекцијата симболично го носи името X, која покрај тоа што брои десет изгледи, станува збор и за моја десетта колекција, а исто така и десет години како се занимавам со оваа професија – вели Роберт. Појдовна точка на инспирација за колекцијата е јапонската борбена вештина кендо мечување, односно основната традиционална облека (кендоги и хакама). 

Каде сега ја гледате модата во локални и во глобални рамки? Како таа ќе се доживува и ќе заработува?
– Модната индустрија многу зависи од физичката малопродажба, но пандемијата генерално го забрза поширокото прифаќање на е-трговијата. Сметам дека се повеќе ќе се насочува кон виртуелното презентирање и оналајн купување каде тоа ќе е овозможено. Живееме во дигитално време каде се е достапно онлајн, но тоа во целост не може да го замени физичкото купување и презентирање на колекциите. Двата начини се подеднакво битни денес за комуникација со потрошувачите и секогаш треба тие да одат заедно.

Кој е, всушност, модниот изглед потпишан со Вашето име?
– Иако мојот стил евоулирал низ текот на годините, секогаш останува иста онаа препознатливост за мојот стил на работа. Модерен и минимален гот дизајн, со доза на строг и смел допир. Тоа е изглед кој дава самодоверба и ве двои од толпата на посебен начин.

Модата „во живо“ се повеќе и отстапува место на виртуелната мода. Во Битола, колекциите на учесниците   претставени со комбинирано- со виртуелна презентација преку модни филмови и со изложбен салон?  Како колекцијата да го најде најкраткиот пат до потрошувачот?
-Како што напоменав погоре, последните години, а дополнително и со пандемијата виртуелната презентација станува се поприсутна. Тоа е одличен начин на комуникација со потрошувачите, но не подеднакво иста со физичката. Одличен беше потегот на Моден викенд-Скопје комбинирајќи ги двете опции заедно, давајќи им на посетителите одлична презентација за колекциите.

Како влијаеше на вас пандемијата и како човек и како креативец?
– Пандемијата ни го промени многу начинот на кој живеевме. Чувството на неизвеснот создаваше нелагодно секојдневие, а мотивацијата постепено опаѓаше, како на профионално поле, така и лично. За време на карантините се роди инспирацијата за новата колекција, со што мојот фокус го насочив кон творење и создавање, како и откривање на нови хобија. Во тој тежок и чуден период се трудев времето да го искористам продуктивно колку што можев повеќе.

Едно време како да ве снема од модната сцена. Дали еден креативец воопшто може да си замине од своето „модно поле“?

– Се повлеков еден период од модната сцена, но не и од модата. Колку и да сакам, невозможно е да побегнам од модата, тоа е исто како да бегам од себе. Тоа беше период кога бев посветен на себе и насочен кон моите магистерски студии по комуникации и моден стил. Тогаш се роди и љубовта кон маркетингот и не случајно се најдов професионално и на тоа поле. Желбата за творење секогаш била присутна, идеите и испирацијата се раѓаат секојдневно, но созадвањето колекција бара многу посветеност и време, што го немав доволно во последните години.

Дизајнерската работа е бајаги суетна. Дали по една деценија работа сте доволно „големи“ да си ги признаете грешките, доволно паметен да учите од нив и доволно силен да ги исправите истите?

– Премногу сум самокритичен кога станува збор за мојата работа и секоја грешка ја гледам како лекција во понатамошната работа. Свесен сум кога се случувале, тие се дел од созревањето, а најмногу се случуваат кога не си ја слушаме интуицијата.

Дали ги тестирате сопствените креативни лимити?
– Креативноста нема лимити, финансиите се тие кои често можат да бидат пречка до остварување на идеите.

Кој проект досега Ви бил најтежок, а кој според вас, ја обележа Вашата кариера?
– Имам зад себе многу проекти и соработки и секој од нив има своја тежина и убавина. Сите ми се драги и сите заедно помогнаа во одбележување на мојата досегашна кариера. Едноставно не би можел да издвојам најтежок, а ни најдобар проект.

Кои трендови според Вас, никогаш не излегуваат од мода, а кои имаа најкраток век на живеење?
Низ годините модната индустрија ни понуди модни парчиња што немаат рок на траење. Класичен фустан во А линија, класични тексас панталони, кожна јакна и авијатор очила за сонце, се само дел од листата на трендови кои никогаш не излегуваат од мода. Најкраток век на живот имаат они парчиња кои за брз период стануваат моментален тренд под некое влијаније на општеството.

Во каква облека Вие се чувствувате најпријатно?

– Не многу поразлично од тоа што го создавам. Сакам удобна, квалитетна и безвременска облека изработена од природни материјали.

Л. Сабит