(Не) мирно лето


ЛЕЈЛА САБИТ

Кратко, долго, топло, спарно, дождливо, променливо, возбудливо, освежувачко, мирно, немирно, безгрижно, опасно, забавно, здодевно, таинствено, (не) совршено, како нашите тела, карактери, мисли, врски, желби, соништа, очекувања, потреби, навики , порази, победи, со мирис на кокос, на леандри, со вкус на ладен чај, фредо еспресо и мохито, слатко како сладолед, солено како морска сол на кожата и во косите, обоено со сина боја, горе како небото, долу како водените пространства, со звуци на галеби, бродски сирени, романтични балади, диско музика, во ритам на самба и румба, ве наградува со школки како ѓердан бисери наредени околу вратот, со става како риба, но љубоморно како скорпија, ве казнува со изгореници, медуза да ве запече, да ве фати грч во вода или да ве искасаат комарци, боси да ве изритира зрнце песок, како рак ве собира како семејство, внимавате или се препуштате на хедонизмот, се дотерувате или стилски се опуштате, молчите со книга или дигате врева со играње карти, се печете на сонце без да влезете во вода, пливате без да размислувате за бронзен тен, искачувате планински височини или запознавате нови роднини, го барате мирот, или причина за кавга, бегате од познати, а наидувате баш на нив!

Секое лето иста но неповторлива приказна!