„Не гледам иднина во Македонија“: Средношколците од Делчево, Берово, Кочани масовно на студии во Бугарија
Цели средношколски друштва топтан се преселуваат во Софија за да студираат. Сместени се во студентиски домови и добиваат стипендија

Меѓународно признаена диплома, сместување во студентски дом (четири години во иста соба), финансиска поддршка од министерството за образование се дел од причините поради кои матурантите од Делчево, Македонска Каменица, како и од Берово, Пехчево, Кочани се одлучуваат да се запишат на факултетите во Бугарија, место на некој од македонските.
„Јас не ја гледам иднината во Македонија, а со оваа диплома ми е полесно и за мастер, односно продолжување на образованието на друго место и за понатаму. Тоа е главната причина зошто се запишав на факултет во Бугарија“, вели студентка за „Независен“, која веќе трета година студира на Биолошкиот факултет во Софија. Таа добива и по 240 лева (120 евра) месечна стипендија од бугарското министерство за образование кое ги поддржува странските студенти.

Бруцошка од Смојмирово, која се запишала на социјална работа и социјална политика на Факултетот за педагогија, вели дека во Софија ѝ е супер.
„Целото друштво ми е тука. Сместена сум во студентски дом, а во моментот сум сама во соба“, ни вели бруцошката. И таа добива по 240 лева месечна стипендија. Таа појаснува дека сите добиваат ваква стипендија првата година.
Наставничка од едно делчевско училиште вели дека од матурантите кои се запишуваат на факултет, околу 80 отсто се одлучуваат за студии кај нашиот источен сосед, а тројца, четворица за студии во Словенија.
Според неа, причините за тоа се близината на бугарскиот главен град како и превозот до другите градови, но и условите на факултетите, односно можностите за комуникација со професорите или други студенти кои се заинтересирани за некое научно поле, како и можноста за научни истражувања. Секако, додава таа, сместувањето, исто така, се спомнува како дел од причините, можноста за работа додека се студира, но и друштвото – продолжуваат да се дружат како до средно, така и на факултет.
Што нудат бугарските универзитети?
За полесно снаоѓање при запишувањето на факултет во Бугарија постои веб-страница, поддржана од Министерството за надворешни работи на Бугарија, каде ги има сите студиски програми на кои може да аплицираат нашите матуранти, потоа сите универзитети, документите кои им се потребни, како и насоки за аплицирање за сместување во студентски дом. Страницата е на македонски јазик.
„Нашата мисија е да ги поддржиме студентите во нивниот образовен пат и да им понудиме широк спектар на информации за студирање во Бугарија“, стои во полето „Поддршка за студенти“, на страницата, а нудат и превод и легализација на документи.
Имаат и две канцеларии – едната во Софија, а другата во Кочани.
Во студиската 2025/2026 година на бугарските факултети во Софија, Пловдив, Стара Загора, Русе, Благоевград, Плевен, Варна, Велико Трново, Бургас од Македонија се запишале повеќе од 629 студенти на додипломски и магистерски студии. Сите студенти се должни да полагаат приемен испит по јазик, литература и историја на Република Бугарија.
Два студентски дома во Скопје се реновираат – студентите се сместуваат приватно
Додека соседна Бугарија нуди бројни услови за студенти од странство, па и од Македонија, македонското Министерство за образование, на нашите студенти не им нуди ниту пристојно сместување во скопските студентски домови, а и тоа е ограничено поради реновирање на два дома.
Затворени се домовите „Кузман Јосифовски-Питу“ и „Стив Наумов“ во Скопје кои се реновираат подолго време, а според најавите од МОН, повторно ќе примаат студенти од вториот семестар на претстојната академска година.

Ако се погледне статистиката од претходната година академска 2023/24 година, во прва година се запишале над 15.000 студенти, а сместување се нуди само за 851. На оние студенти од внатрешноста, кои ќе се одлучат за студирање во Скопје, не им останува ништо друго, освен да се сместат приватно – под закуп, или родителите да им купат стан.
Студентите од ФИНКИ пак, со години учат во бараки, а на овој факултет се запишуваат најголем број студенти. Зградата во која требаше да се сместат зјае во предворјето на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, заедно со зградата на Факултетот за физичка култура.
Студентска картичка со попусти за културни настани, театар, кино, одамна е на листата на барања на македонските студенти, но имајќи предвид дека погласни се барањата за дигитализација, онлајн библиотека, па и дигитализиирано пријавување испити или запишување семестар, овие финеси се оставени за некои други времиња.
Студентите имаат картички (банкарски) единствено за субвенциониран оброк, за која пак годинава побараа зголемување за 10 денари, односно од 140 на 150 денари, а министерката за образовение Весна Јаневска им одговори дека тоа не може да се направи пред донесување на Буџетот за следната година.

Се намалува бројот на запишани студенти
Според податоците на Државниот завод за статистика, добиени врз основа на пристигнатите извештаи, во Република Северна Македонија, во академската 2023/2024 година се запишале вкупно 52.316 студенти, што претставува намалување за 2,8 % во однос на академската 2022/2023 година.
Бројот на запишани студентки е 30.704 или 58,7 %. Најголем број студенти (77,9 %) се запишале на државните високообразовни установи, додека 22,1 % се запишале на
приватните високообразовни установи.
Во прва година на студии, во оваа академска година, се запишале 15.330 студенти.
За академската 2025/26 Статистика уште не излегла со податоци.