Не издржа ни ден: Трамп најави зголемување на глобалните царини на 15 отсто
Британската влада очекува да ја продолжи својата „преференцијална трговска позиција со САД“, и покрај новите тарифи
Американскиот претседател Доналд Трамп денес објави дека ќе воведе глобални тарифи од 15 отсто и продолжи да ја напаѓа одлуката на Врховниот суд со која се поништија неговите претходни увозни давачки.
Трамп вчера изјави дека ќе ги замени тарифите што ги укина судот со нов данок од 10 проценти за сите стоки што влегуваат во САД. Но, денес на неговата социјална мрежа Трут сошал објави дека оваа стапка сепак ќе се зголеми на 15 проценти.
Новите тарифи ќе почнат да важат од вторник, 24 февруари, и може да останат во сила околу пет месеци, по што администрацијата мора да побара одобрение од Конгресот.
Трамп во објавата ја критикуваше пресудата на судот и најави нови мерки.
„Врз основа на темелен, детален и целосен преглед на смешната, лошо напишана и екстремно неамериканска одлука за царина донесена вчера, по многу месеци размислување, од страна на Врховниот суд на Соединетите Американски Држави, дозволете оваа изјава да послужи како потврда дека јас, како претседател на САД, ќе ја зголемам глобалната царина од 10 проценти на целосно дозволеното и правно проверливо ниво од 15 проценти. Ова ќе важи за земјите, од кои многу ги ‘ограбуваа’ САД со децении без никаква одмазда“, вели Трамп во објавата.

Тој вели дека во текот на следните неколку месеци администрацијата ќе донесува и спроведува нови, законски дозволени царини што ќе го продолжат „процесот на повторно правење на Америка голема – поголема од кога и да е“.
Царините од 10 отсто, што претходно ги најави, рече дека ќе бидат „дополнителни на нормалните тарифи што САД веќе ги наплаќаат“.
Врховниот суд на Соединетите Американски Држави вчера донесе одлука со која поништи голем дел од царините што ги воведе админстрацијата на претседателот Донлад Трамп, повикувајќи се на закон наменет за вонредни ситуации, објавија светските медиуми.
Врховниот суд на САД, кој брои девет члена, гласајќи шест спрема три одучи дека законот од 1977, наменет за решавање на национални вонредни состојби, не дава правно оправдување за воведување царини од страна на админстрацијата на Трамп врз земји од целиот свет. Ова е прва пресуда на највисокиот суд на САД со која се поништува негова политичка одлука донесена во вториот мандат.
Американскиот претседател Доналд Трамп на прес-конференција во Белата куќа жестоко ја критикуваше одлуката на Врховниот суд на САД да ги поништи царините што ги воведе неговата администрацијата на стоките што доаѓаат од странство. Тој ја нарече одлуката „срам за нацијата“.
Тој кажа дека според неговото мислење, Врховниот суд одлуката ја донел под влијание на странски интреси и политичко движење, кое, како што кажа, е многу помало отколку што луѓето би помислиле.
„Знаевме дека ќе се обидат повторно“: Увозник на вино реагира на новите царини
Виктор Шварц, сопственик на мала компанија за увоз на вино од Њујорк наречена VOS Selections, стана еден од фаворитите во правната битка против сеопфатните царини на претседателот.
Центарот за правда на Либерти поднесе тужба на 14 април 2025 година, насловена како VOS Selections, Inc. против Трамп, а Врховниот суд во петокот пресуди дека вонредните царини на Трамп се нелегални.
Во разговор за Sky News, Шварц рече дека царините биле „на ум на сите“ кога го контактирал својот правен тим. Дури и пред Трамп да биде избран минатата година, индустријата за вино и жестоки пијалоци била загрижена за развојот на настаните и почнала да се организира.
Шварц вели дека се придружил на тужбата и неколку дена подоцна, адвокатите го замолиле да биде главен тужител бидејќи неговата приказна изгледала репрезентативна. Зборувајќи за новата стапка од 15 проценти, тој рече дека „сите знаеле дека тоа ќе се случи во секој случај“, со оглед на тоа што Трамп очигледно барал нов начин за воведување царини.
Сепак, тој нагласи: „Го добивме овој случај во највисокиот суд во Америка“.
Велика Британија: Очекуваме преференцијалната трговска позиција со САД да продолжи
Британската влада изјави дека очекува да ја продолжи својата „преференцијална трговска позиција со САД“, и покрај новите тарифи што ги објави Доналд Трамп. Претставник на Белата куќа вчера изјави дека земјите што претходно постигнаа трговски договори со САД, вклучувајќи го и Обединетото Кралство, ќе бидат предмет на глобалната тарифа според Член 122, наместо на стапките што беа претходно договорени.
Сепак, договорите на Велика Британија поврзани со челикот, алуминиумот, фармацевтската индустрија, автомобилската индустрија и воздухопловниот сектор – кои го сочинуваат поголемиот дел од трговијата на Велика Британија со САД – засега не се засегнати.
Британската влада вели дека „од САД зависи“ дали договорите ќе останат на сила, но вели дека ќе „продолжи да ги поддржува британските компании како што ќе бидат објавени дополнителни детали“.
„Во секој сценарио, очекуваме нашата преференцијална трговска позиција со САД да продолжи и ќе соработуваме со администрацијата за да разбереме како оваа одлука ќе влијае на тарифите за Велика Британија и остатокот од светот“, додаде портпарол на британската влада.