Нема никаков напредок во работата на историската комисија


Фото: Б. Грданоски

Историската македонско-бугарска комисија по по дводневниот состанок заврши онаму каде што почна – без договор за ниту една работа. На оваа 12. средба не бил постигнат напредок во однос на дискусијата за учебниците по историја, а не била постигната и согласност во однос на прашањата поврзани со средновековието. Комисијата не го отвори прашањето за Гоце Делчев и негово евентуално заедничко чествување, иако било на дневен ред.

Според предложениот дневен ред за работа, соопштија денеска од МНР, тема на дискусија биле прашањата поврзани со содржината на Записникот од 10. средба, изготвување на препораки за учебниците по историја со цел надминување на споровите кои произлегуваат од различните и силно исполитизирани толкувања на минатото и усогласување на текст препорака за заедничко чествување на Гоце Делчев.

„Во однос на прашањата со записникот, членовите на Комисијата го усвоија записникот и беше утврдено во текот на март членовите на Комисијата да работат на усвојување на записникот од 11. средба и Годишниот извештај на Комисијата. Во однос на дискусијата за учебниците по историја, како и на претходната средба, не беше постигнат напредок. И покрај конструктивната дискусија и желбата да се постигне напредок, не беше постигната согласност во однос на прашањата поврзани со средновековието. Остануваат големите разлики во пристапите и разбирањето на улогата на историското образование и образовните политики. Со оглед на продолжената на дискусијата за учебниците по историја, на оваа средба, Комисијата не го отвори прашањето за Гоце Делчев и негово евентуално заедничко чествување, иако беше на дневен ред“, се наведува во соопштението од МНР.

Копретседавачот од бугарска страна, Ангел Димитров, за бугарските медиуми рече дека Македонија тврдоглаво бегала од дефиницијата за заедничка историја.„Непријатно е дека нашите колеги сакаат да најдат нов пристап и нови проценки на ова историско време и на кралот Самуил, кои се разликуваат од проценката за која се договоривме кога понудивме заедничко славење на овој бугарски владетел. Ваквиот двоен стандард навистина покажува неподготвеност да се направи потребниот чекор напред. Она што за нас е крајно неприфатливо е тврдоглавото бегство од дефиницијата за заедничка историја, што е заведено во Договорот за пријателство и добрососедство“.

Димитров, како и многу други во Бугарија, изјави дека македонската страна очекувала промена на политичката позиција на Софија по изборите, но дека тоа можело да се случи само на политички план.

Дискусијата по овие теми, најавуваат во соопштението од МНР, ќе продолжи на следната средба на Комисијата, која треба се одржи на 22 и 23 април 2021 година.