НБМ ја задржа каматната стапка на благајничките записи на 2 отсто


Фото: Б. Грданоски

Каматната стапка на благајничките записи на Народната банка на Македонија ќе се задржи на нивото од 2 отсто, одлучи вчера Комитетот за оперативна монетарна политика на НБМ.

„Споредбата на најновите макроекономски показатели за домашната економија со нивната проектирана динамика во рамки на октомврискиот циклус проекции не упатува на позначителни отстапувања во одделните сегменти од економијата“, се вели во соопштението до медиумите. Од НБМ оценуваат дека остварениот економски раст во првите три квартали од 2019 година од 3,6 отсто е во согласност со проекциите за соодветниот период од годината, при очекувања за поумерен економски раст во последниот квартал, што се согледува и преку тековно расположливите високофреквентни показатели.

НБМ очекува инфлацијата годинава да изнесува 1,5 отсто, што меѓу другото се должи и на надолните корекции за очекуваното идно движење кај увозните цени, но останува неизвесноста околу движењето на светските цени на примарните производи.

„Остварувањата кај девизните резерви во 2019 година и првиот месец од 2020 година се подобри од очекувањата, при што нивото на девизните резерви и натаму е во сигурната зона“, се вели во соопштението.  Од друга страна, според достапните податоци, во последниот квартал од минатата година трговскиот дефицит бил поголем од проектираниот.

„Податоците за нето-откупот од менувачкото работење, заклучно со втората декада на јануари, засега не се доволни за изнесување попрецизни заклучоци околу нето-приливите од приватни трансфери за првото тримесечје на 2020 година“, велат од НБМ.

Во банкарскиот сектор во јануари продолжил растот на вкупните депозити и вкупните кредити, што е во рамките на претходно направените проекции. Ликвидноста на банките е зголемена, најмногу поради сезонскиот пад на побарувачката за денарска готовина, што е карактеристичен за периодот по новогодишните и божиќните празници, се вели во соопштението.

„На девизниот пазар во јануари, банките остварија релативно висока нето-продажба на девизи за потребите на нивните клиенти. Покрај од сезонските фактори, овие движења беа одраз и на зголемената побарувачка на девизи од компаниите, заради отплаќање на нивните обврски кон странство. Банките во целост ја задоволија повисоката побарувачка на девизи од страна на клиентите од девизната ликвидност со која што располагаат. Во такви околности, за разлика од претходниот месец кога Народната банка вршеше откуп на вишокот девизна ликвидност на банките, во јануари 2020 година таа немаше интервенции на овој пазарен сегмент“, се вели во соопштението до медиумите.

На меѓународните финансиски пазари на почетокот на годинава, подобрувањето на трговските односи помеѓу САД и Кина со потпишувањето на „првата фаза“ од трговскиот договор, влијаеше позитивно врз очекувањата за економските движењата. Но, втората половина од јануари дојде до пресврт поради засилените надолни ризици за глобалниот економски раст со ширењето на вирусот корона од Кина. Со цел да ја заштитат вредноста на инвестициите, инвеститорите реагираа преку зголемени вложувања во побезбедни финансиски инструменти, што доведе до раст на цените на државните хартии од вредност, односно пад на приносите, апрецијација на САД-доларот и зголемување на цената на златото. (Н.В.)