НБА: Њујорк и Минесота на чекор до конференциско финале


Кошаркарите на Њујорк и на Минесота се на една победа до пласман во конференциските финалиња во НБА лигата.

Њујорк поведе со 3-1 против Бостон во полуфиналето од плејофот откако синоќа на домашен терен победи со 121-113.

Џејлен Бренсон беше најефикасен во тимот на Њујорк со 39 поени, 12 асистенции и пет скокови. Во тимот на актуелниот НБА шампион Бостон најефикасен беше Џејсон Тејтум со 42 поени, додавајќи осум скокови, четири асистенции и четири украдени топки. На три минути пред крајот на натпреварот Тејтум ја повреди десната нога и мораше да биде изнесен од теренот.

Петтиот натпревар во кој Њујорк со евентуална победа ќе се пласира во финалето на Источната конференција ќе се игра ноќта меѓу среда и четврток во Бостон.

Минесота поведе со 3-1 против Голден Стејт во серијата до четири победи во полуфиналето од плејофот на Западната конференција, откако победи со 117-110 на гостински терен во Сан Франциско. Најефикасни во тимот на Минесота беа Џулиус Рендал со 31 поен и Ентони Едвардс со 30 поени.

Џонатан Каминга беше најефикасен со 23 поени во тимот на Голден Стејт во чиј редови повторно поради повреда отсуствуваше Стеф Кари.

Минесота ќе ја има својата прва шанса да се пласира во финалето на Западната конференција ноќта меѓу среда и четврток, кога е закажан следниот натпревар од серијата во Минеаполис.