Навредата на Димитриеска-Кочоска врз пратеничката Петровска предизвика ураган од реакции

Министерката ѝ го оспори правото на пратеничката да зборува за потрошувачката кошничка затоа што не била мажена, немала деца и немала семејство


Министерката Фордана Димитриеска- Кочоска (Фото; Б. Грданоски)

 

Пратеничките прашања денеска добија нова димензија, откако министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска упати отворени навреди кон Славјанка Петровска, при што ѝ порача дека не ја заслужува нејзината почит и запрепастувачки, ѝ го оспори правото на пратеничката од СДСМ да поставува прашање за потрошувачката кошница, поврзувајќи го тоа право со семејната состојба.

За СДСМ станува збор за класична дискриминација, додека пак, од ВМРО-ДПМНЕ во реакција до медиумите велат дека „јавноста одамна се умори од постојаните обиди на Славица Петровска да се претставува како жртва“. Забележливо, во реакцијата на владејачката партија, пратеничката на СДСМ (намерно или не) ја ословуваат со друго име, што исто така може да се смета за навреда.

Партиите си разменија напади преку соопштенија, а пошироката јавност е згрозена, па и вознемирена од мизогонистичкиот истап на една жена против друга. Едната од власта, другата од опозицијата.

На упатените навреди кон Петровска, реагираше и лидерот на СДСМ Венко Филипче, кој денеска не присуствуваше на седницата за пратенички прашања, а од говорницата реагираше и пратеникот Фатмир Битиќи, кој настапот на Димитриеска-Кочоска го окарактеризира како класичен пример на дискриминација. Попладнево со реакција се јавија и од партијата Левица.

„Шокиран сум од денешната навреда што министерката за финансии, Кочоска, ја упати кон пратеничката Славјанка Петровска. Нејзината дрска и понижувачка изјава – дека Петровска не може да знае колку троши едно четиричлено семејство затоа што нема деца ме згрози. Наместо аргументи и дебата во Собранието, сведочиме на лични дискредитации што е добро познат начин на одбрана на ВМРО-ДПМНЕ“, реагираше Филипче преку неговиот Фејсбук профил.

Тој посочува дека секогаш кога се соочени со критика, одговорот на ВМРО-ДПМНЕ не е дебата, туку омаловажување.

„Жалам што Славјанка повторно е мета на напади. Не така одамна беше жртва на дискредитации и лаги од страна на пратеникот Ковачки. Но, Славјанка е силна жена и врвен професионалец, човек кој секогаш се однесува со почит кон сите – за разлика од оние што ја напаѓаат. Ова не е само напад врз Славјанка – ова е напад врз сите жени“, напиша на својот фејсбук профил Филипче.

При тоа, Филипче посочи со доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ на власт, сведоци сме на пад политичка култура и голема нетолеранција кон критиката.

„Често сме сведоци и на јавни исмевања и навреди од поддржувачи на ВМРО-ДПМНЕ на социјалните мрежи, дури и на нејзиниот изглед. Тоа е нивната политичка култура, навреди, дискредитации и насилна реторика. Од ден во ден, со доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ на власт, сведочиме на пад на политичката култура и голема нетолеранција кон критиката. Ако ова е нивното однесување на самиот почеток, во првите моменти на нервоза, можеме само да замислиме што ќе следува“, напиша Филипче, во објавата на Фејсбук, во која порача дека не смееме да се  дозволи омаловажувањето и навредите да станат новата нормалност.

И партијата Левица попладнево во соопштение ги осуди навредите на Кочоска кон Петровска оценувајќи ги како „подли, мизогини и недостојни изблици на вмровските политичари“

Политичката партија Левица го осудува говорот на министерката за финансии, Гордана Димитриеска Кочоска која на пратеничката Славјанка Петровска ѝ кажа дека нема право да зборува за семејство бидејќи нема деца, се вели во реакцијата.

„Јас политички не се согласувам со пратеничката Славјанка Петровска, ама секаква лична дискредитација во обид да се избегне одговорност и тоа како е за осуда. За жал, министерката Кочоска (во една за неа препознатлива ароганција) денес од собраниска говорница оценуваше кој смее, а кој не смее да говори за трошоци на семејството?! Според неа, тие што немале семејство, не смеат да говорат и да бараат одговори?!“, се вели во ракцијата на Јована Мојсоска, пратеничка од Левица, оценувајќи дека „ова е крајната нечовечна, мизогина и одвратна политичка култура на власта, која секојдневно ја сведочиме, со гнасни шиканирања“.

„Како член на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите и Клубот на пратенички, очекувам јавна осуда од сите партии за ваквиот говор на министерката. Во спротивно, воопшто не сметам дека треба да сум дел од тела кои само формално постојат на хартија и во нив не планирам да учествувам“, истакнува Мојсоска.

За ВМРО-ДПМНЕ,  јавноста одамна се уморила од постојаните обиди на Славјанка Петровска да се претставува како жртва секогаш кога ќе биде повикана на одговорност.

„Наместо да даде конкретни аргументи и да се соочи со реалноста, таа секој пат користи истата стара тактика – глуми нападната и го пренасочува фокусот од суштинските прашања“, сметаат од ВМРО-ДПМНЕ,  

За владејачката партија „последниот случај е уште еден доказ за ова“.

„Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, зборуваше за реалните трошоци на едно четиричлено семејство, нешто што сите граѓани го чувствуваат на своја кожа. Но, наместо аргументирана дебата, Петровска повторно избра да игра на картата на жртвата, надевајќи се дека така ќе ги избегне суштинските теми“, се вели во реакцијата порачувајќи дека „време е Петровска да престане со оваа политичка манипулација и конечно да понуди нешто повеќе од лични повреди и празни фрази“.

Сѐ почна кога искористувајќи го правото да постави пратенички прашања, претпладнево, Петровска ја праша министерката Димитриеска-Кочоска за потрошувачката кошница.

„Министерке, пред една недела имавте за мене нелогична изјава, кога рековте дека за вас не може да биде логично да се купува грашок од конзерва и дека едно четиричлено семејство треба во еден месец да консумира 13 литри млеко. За цената на табла јајца не коментирам, можеби имате некој попуст за редовност“, рече Петровска, додавајќи дека не сака дебатата да ја претвори во споделување рецепти, и порачувајќи ѝ на министерката кога ќе оди во маркет да го спореди и времето на готвење на тој грашок од конзерва, и оној другиот.

„За вас може не е важно, ама за едно просечно македонско семејство, многу е важно колку време ќе биде вклучен шпоретот. Подеднакво важно е за една мајка дали ќе може цел месец на своите деца да им дава по една чаша млеко. Зашто, ако ја направиме логиката како што вие ја направивте за едно четиричлено семејство, тогаш ќе видите дека 13 литри млеко не се доволни, освен ако не го заменувате со бадемово или со некое друго“, елаборираше Петровска пред да праша: „Наместо да ни држите лекции за домаќинско пазарење, не е лошо да го чуеме вашиот став за намалување на патните трошоци на пратениците и зошто ВМРО-ДПМНЕ не ги поддржа?“.

На ова министерката Димитриеска-Кочоска видно изнервирана, ѝ се обрати на пратеничката со зборовите:

„Пратеничке Славјанка Петровска, не можам да ве кажам почитувана. За да кажам почитувана, треба да ја заслужите мојата почит. Врз основа на што вие ги ставате в уста мајките што имаат деца и како знаете вие едно повеќечлено семејство колку треба да троши? Јас сум мајка на два сина и многу добро знам колку треба да троши едно 4-члено семејство. И научете во пописот што вие го направивте, едно просечно семејство е тричлено, а не четиричлено“, грубо се обрати Димитриеска-Кочоска од собраниската говорница, омаловажувајќи ја Петровска.

Притоа, таа додаде дека и таа сакала да купува грашок од конзерва, но не била сама, туку дека нејзиното семејство имало четири члена.

„Мора да одиме во најевтините маркети и да купиме замрзнат грашок. Тоа беше коментарот, зошто да купуваме грашоци кои се поскапи од 100 денари. Исто беше и за млекото. Некој може троши и по 18 литри, а некој воопшто не пие. Бадемовото вам ќе ви го оставам, вам ви треба, а не мене!“, рече министерката.

По оваквиот настап на Димитриеска-Кочоска, пратеничката Петровска само возврати дека мислела дека министерката извлекла поуки од претходните испади на Комисијата за финансирање и буџет, поради што наместо неа доаѓал заменик-министерот.

„Нема да одговарам на вашите неумесни коментари. Ако имаше дно, вие го пробивте“, рече Петровска.

Подоцна, во текот на седницата пратеникот на СДСМ Фатмир Битиќи Битиќи ѝ се обрати директно на Димитриеска-Кочоска со зборовите дека не ја навредила само пратеничката Петровска, туку и достоинството на сите жени, мајки, работнички.

„Денес во Собранието се случи срамен чин на непочитување и дискриминација изговорени од страна на министерката за финансии. Настан којшто не е само личен напад до пратеничката Петровска, туку напад и до достоинството на сите жени, мајки, работнички, борци за правда и еднаквост во ова општество“, реагираше Битиќи.

Тој посочи дека министерката за финансии си дозволи да изрази дискриминаторски став кон пратеничка, деградирајќи ја како личност и негирајќи ја нејзината способност да зборува за животот, трошоците и предизвиците на семејствата.

„Со зборовите: ’Не можам да ве кажам, почитувана, за да кажам почитувана, треба да ја заслужите мојата почит’-министерката директно покажа ароганција и непочитување кон институцијата парламент, во кој секој пратеник и пратеничка е избран од граѓаните и граѓанките и имаат мандат да ја изразат нивната волја“, рече Битиќи, додавајќи дека Собранието не е приватен клуб во кој членството зависи од личните симпатии на некој министер, туку демократска институција во која секој има право да зборува, без да биде понижуван.

„Но, министерката отиде чекор понатаму, до обидот на наметне поделба меѓу оние што се мајки и оние што според нејзиното мислење, немаат право да зборуваат за економските проблеми на семејствата. Ако некоја жена, не е мајка, тоа не значи дека не може да зборува за економски прашања. Ако некоја жена не е министерка, тоа не значи дека не знае како изгледа реалноста во нашата драга Македонија. Министерке, во оваа држава има илјадници мајки и знаат многу добро што значи да се преживува од месец во месец и кои се борат со зголемените трошоци, кој бројат денари за да обезбедат храна, греење, училишни материјали“, рече Битиќи, додавајќи дека во државата има илјадници жени кои не се мајки, но кои работат напорно и ги чувствуваат економските последици од неспособната политика на Владата. 

Осудувајќи го недоличниот настап на Димитриеска-Кочоска, тој додаде:

„Ова не е прашање само на еден недоличен напад на една пратеничка, ова е прашање каков однос има Владата кон секој граѓанин кој не се вклопува во нивните лични интереси за почитуваност“.