Навивач на бугарски „Левски“ прободен со нож во Скопје, десет приведени од полицијата (ВИДЕО)
Неколку автомобили со бугарски навивачи беа нападнати од навивачи на Шкупи во Чаир каде наводно поминале по грешка, а хаосот продолжи и пред стадионот кога почнаа пресметка со македонските полицајци, при што летале шишиња и поголеми предмети.

Според „БТН“, навивачот не бил во животна опасност, но некои медиуми, како „Нова“, велат дека тој се борел за живот. Бугарските навивачи влегоа во пресметка и со полицијата, непосредно пред стартот на наtпреварот, во поттрибинскиот простор на арената „Тодор Проески“.
Од Министерството за внатрешни работи потврдуваат дека се приведени девет бугарски навивачи поради нарушување на јавниот ред и мир пред натпреварот Шкупи-Левски.
„Од Единицата за брзо распоредување приведени се Г.Б, З.З., В.Д., Г.К., Б.А., В.Ј., И.К., Д.П.Д. и А.В.И., сите бугарски државјани, кои го нарушија јавниот ред и мир со агресивно однесување кон полициски службеници кои вршеа службени дејства на стадионот „Тодор Проески“, непосредно пред почетокот натпреварот од второто квалификациско коло во Конференциската лига помеѓу Шкупи и Левски Софија, кој вечерва се игра во Скопје. Тие се приведени во полициска станица и по целосно документирање на случајот против нив ќе следуваат соодветни поднесоци“, велат од МВР.
Според бугарските медиуми бугарскиот амбасадор во земјава веќе остварил разговор со надлежните органи и инсистирал на итно расветлување на случајот и обезбедување на безбедноста на бугарските фудбалски навивачи.Конзулот на Бугарија во Скопје веќе го посетил повредениот бугарски државјанин во болница каде бил примен на лекување. Според достапните информации моментално се санира неговата состојба, но нема ризик по неговиот живот.
Телевизијата „Клан“ објави видео на кое се гледаат локални жители од населбата „Чаир“ како фрлаат канти за ѓубре кон автомобилите во кои има бугарски навивачи кои пристигнаа во Македонија специјално за фудбалскиот натпревар.Не се знае што се случувало пред инцидентот и дали дошло до вербална пресметка меѓу навивачите на Левски и Шкупи.
Судирите меѓу бугарските и локалните навивачи биле очекувани и затоа денеска е зголемено полициското присуство во центарот на Скопје, особено околу стадионот „Тодор Проески“. На влезот на стадионот „Тодор Проески“, во просторот под трибините, групата навивачи влегла во конфликт со полициски службеници, кој брзо преминал во физичко насилство. На видеата се гледаат како летаат шишиња со сок или пиво, како и некои поголеми предмети.
Атмосферата уште пред натпреварот се вжешти со непримерни коментари и пораки на социјалните мрежи, како плановите за палење на македонското и албанското знаме на вечерашниот натпревар. Според нашите медиуми, локалните навивачи биле предизвикани од бугарските навивачи.
Околу 1.000 навивачи на Левски го следат натпреварот во живо на скопскиот стадион. Шкупи сепак вечерва во Скопје загуби од софиски Левски со 2:0 во првиот натпревар меѓу двата тима.