Навистина ли е завршена автопатската делница Климештани –Охрид, или е само пропагандна приказна


Од фотграфијата дистрибуирана од Министерството за транспорт не се гледа дека делницата Климештани - Охрид е завршена

 

Свеченоста денеска крај Охрид изгледаше како предизборна сцена, затоа што беше објавено дека биле пуштени уште 17 километри од автопатот Кичево – Охрид. Според фотографиите што беа објавени од владата и Министерството за транспорт оваа свеченост покажува сѐ само не завршена делница на автопат.

Од фотографии што ги дистрибуираше Министерството за транспорт се гледа дека едната страна од автопатот е необезбедена, дека директно преку земјен пат се излегува од селото на автопатот; дека друга, со новиот асфалт воопшто не е довршена, дека има земја покрај коловозот, на која допрва треба да се работи, што значи дека не е сообраќајно целосно безбедна.  Но затоа од сите фотографии се излеваат насмевки на сите страни. Доколку, пак, навистина е пуштена за сообраќај со дозволени влезови и излези директно од автопатот во селото на земјен пат, тоа безбедносен ризик од највисок степен. Дури и за истрага.

Оние што патуваа викендов за Охрид ни јавија дека кон градот на таа делница се вози само по една лента, а другата не е завршена. И на видеото на кое зборува премиерот Христијан Мицкоски се гледа дека возилата се движат во две насоки на другиот коловоз од автопатот. Но можеби делницата е завршена за премиерот и министрите и владината пропаганда.

Тоа не му пречеше на вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, во своето обраќање да каже дека претходната влада целосно ја запоставила изградбата на автопатот Кичево – Охрид. „Ние за помалку од два месеци пуштаме втора делница. Првата во должина од 20 км, од кои 17 км се во активна употреба и овие 17 км, вкупно 34 км во активна употреба, што веќе претставува многу повеќе од половина од целиот автопат, а до крајот на следната година останува да го завршиме целиот автопат“.

Владината прес-служба дистрибуираше поинакви фотографии. На нив е прикажан премиерот Христијан Мицкоски како има обраќање, како се поздравува со присутните, меѓу нив и кинески работници; но нема фотографија како изгледа пуштената делница од автопатот. Тој во своето обраќање рече: „Ова не е само уште еден пат, ова е силен доказ дека Македонија се движи напред, дека се гради и дека се надминуваат долгите години на застој“.