Научниците во Бугарија против предлогот 24 Мај да биде ден на бугарската писменост


Партијата на премиерот Борисов ја спушти топката по првото читање на предлогот на коалицијата на Каракачанов и на јавната дебата на научниците во собранието не отиде ниту еден член на владата

 

Сосем е веројатно дека предлогот на десничарската коалиција во бугарската влада, „Обединети патриоти“ за преименување на празникот 24 Мај во ден на бугарската писменост нема ни да дојде на гласање во второ читање во собранието пред тоа да се распушти. Така изгледа по научната расправа одржана вчера попладне во собранието на која се расправаше оваа идеја на Красимир Каракачанов и неговите колеги од трипартитната коалиција. Повеќето од 50-ината научници во јавната расправа беа против промената на името, а владата не испрати свои претставници во расправата во комисијата за образование.

На одреден начин ова е спуштање на топката во Софија, затоа што во истиот ден во Скопје се одржуваше состанок на македонско-бугарската историска комисија која веќе го затвори прашањето за Кирил и Методиј и одлуката во бугарското собрание само ќе ја минираше нејзината работа по едногодишниот прекин.

„Ако словенската писменост биде исфрлено во името на празникот 24 Мај, Бугарија ќе го изгуби својот придонес кон европската култура“. „Преку ова може да им се даде на Русија и на Србија карт бланш да го узурпираат“. „Може да се фокусираме на придонесот на Бугарија без промена на името“ – беа дел од мислењата на бугарските научници за идејата на десничарската коалиција „Обединети патриоти“. „Поддршката за промена на името на празникот се чини дека е мала“, пишува весникот „Дневник“.

На дебатата иако поканети не дошле министерот за образование Красимир Влчев и министерот за култура Боил Банов.

Барањето на ВМРО-БНД за преименување на 24 Мај стана актуелно пред две недели. Партијата ГЕРБ на премиерот Борисов го поддржа првото читање на идејата празникот да не се нарекува Ден на бугарското образование и култура и словенската писменост, туку – Ден на бугарската писменост, образование и култура. Но, како што пишуваат бугарските медиуми, намерата на партијата на Борисов не била да го смени името на празникот 24 Мај, туку да ја добие поддршката на десничарската коалиција за формирање парламентарна комисија за новиот устав. Двете гласања беа во ист ден. Владата вети дека ќе ги слушне сите мислења меѓу двете читања и потоа ќе донесе одлука.

Според извештајот на бугарските медиуми од расправата во собранието повеќето научници се противат на промена на името на празникот 24 Мај. А се појавила и нова идеја – тој да биде празник на бугарското образование и култура и на светите браќа Кирил и Методиј.

Центарот „Кирил и Методиј“ при Бугарската академија на науките (БАН) изјавил дека не само бугарските, туку и другите народи го признале словенското писмо.

Според проф. Ана-Марија Тотоманова од универзитетот во Софија „Св. Климент Охридски“ не треба да има промена во името, „бидејќи старобугарскиот јазик е создаден како наднационален јазик и се шири во Русија, Србија и други земји, а делото на Кирил и Методиј исто така е наднационално“. „Ќе го загубиме својот придонес кон културата во Европа ако словенската писменост ја замениме со бугарска“, ја цитира „Дневник“ Тотоманова.

Според нејзиниот колега Александар Николов, ако се отстрани словенската писменост, на Русија и на Србија ќе им била дадена карт-бланш за да го узурпирале. Според него, „нема да бидеме побугари ако го одвоиме зборот словенска“.

Лилјана Стоименова од Бугарската академија на науките, рекла дека придонесот на Бугарија можело да се нагласи на друг начин, но и името може да се смени.

Институтот за слободни истражувачи ја поддржува промената на името затоа што „немало ништо словенско во празникот“. (Н.В.)