Научници претворија пластичен отпад во чист парацетамол


Научниците открија начин како да се претвори пластичниот отпад во парацетамол (познат и како ацетаминофен), и тоа со помош на обична бактерија.

Овој научен пробив, развиен од истражувачите во лабораторијата „Волас“ при Универзитетот во Единбург, овозможува поевтина и еколошки поодржлива алтернатива за производство на лекови против болка.

Во моментов парацетамолот се добива од фосилни горива, како нафта, преку енергетски интензивни процеси кои емитуваат огромни количини јаглерод диоксид.

Спротивно на тоа, новата метода користи генетски модифицирана ешерихија коли, која е безопасна бактерија, за да ја претвори терефталната киселина (состојка што се наоѓа во пластичните шишиња) во парацетамол.( Interestingengeneering.com)

Процесот се одвива на собна температура и речиси не произведува јаглеродни емисии.

Истражувачите користеле техника на ферментација слична на онаа кај производството на пиво, претворајќи индустриски отпад од полиетилен терефталат (ПЕТ) во парацетамол за помалку од 24 часа.

Во лабораториските испитувања 90 отсто од добиената хемиска супстанција бил чист парацетамол, што укажува на силен почетен успех.

Во текот на истражувањето научниците откриле дека одредена хемиска реакција, која досега никогаш не била забележана во природата, може да се одвива во живи клетки.

Тие ја конвертирале ПЕТ-пластиката во меѓусупстанција која, кога била инкубирана со генетски модифицирана ешерихија коли, се трансформирала во паба – молекула што бактериите обично ја користат за создавање ДНК.

Бидејќи во бактеријата бил блокиран вообичаениот пат за создавање паба, таа морала да се потпре на ПЕТ-пластиката како извор. Изненадувачки, реакцијата се случила спонтано во клетките, поттикната од природно присутен фосфат иако во лабораторија обично се потребни строги услови.

Ова откритие покажува дека отпадната пластика може биолошки да се трансформира во важни хемиски соединенија.

Истражувачите отидоа чекор понатаму и вметнаа уште два гена: еден од печурки, а друг од бактерии од почвата, со што ѝ овозможија на ешерихија коли да ја претвори молекулата паба во парацетамол.

– Ова истражување покажува дека ПЕТ-пластиката не е само отпад или материјал осуден на уште повеќе пластика. Таа може да се трансформира со помош на микроорганизми во вредни нови производи, вклучително и лекови – изјави професорот Стивен Волас од Катедрата за хемиска биотехнологија.

Тимот истакнува дека е потребен понатамошен развој пред оваа метода да може комерцијално да се применува во индустриски размери.

Но, почетните резултати покажуваат силен потенцијал за создавање достапни и нискоемисиони алтернативи на традиционалното производство на лекови.