Наставниците и вработените во градинките ќе земаат 15 отсто повисока плата

Вработените во образованието бараа 18 отсто зголемување на платите. Ќе нема кратење на платите за периодот додека траеше штрајкот. Истото ќе важи и за градинките


 

За 15 отсто да се зголеми платата во образованието со септемвриската плата, се договорија претставниците на СОНК и МОН, со помош на медијатор, по прекин на штрајкот во образованието кој траеше 12 дена. 

– И двете страни се согласивме да ги прифатиме предлозите на медијаторот кој се вклучени во преговарачкиот процес, во однос на сите теми кои беа отворени и причина за штрајк во образованието кој траеше 12 дена. Повисоки плати во образование ќе има, освен порамнувањето што го донесовме со минимална плата. Се договоривме за зголемување на платите за сите вработени во образование за 15 проценти – рече министерот за образование Јетон Шачири по вечерашната средба со претставниците на СОНК, во министерството.

Зголемувањето треба да се очекува од септемвриската плата.

– За двете страни е прифатливо, но исто така е во согласност со буџетските можности во овие времиња во кои функционирањето на државата е отежнато поради здравствената и економската криза – додаде Шаќири.

Исто така, министерот потврди дека платата за овој месец целосно ќе им биде исплатена на штрајкувачите. 

Договорени се и допрецизирањата во Колективниот договор и се очекува во најскоро време и тие да бидат потпишани.

Претседателот на СОНК, Јаким Неделков потврди дека овој предлог на медијаторот, што го прифатија со МОН, ќе важи и со Министерството за труд и социјална политика, односно истите ќе важат и за вработените во градинките. 

Она што е важно, нагласи Јаким, во партнерски однос со министерствата ќе се разговара за буџетите пред тие да бидат донесени, односно ќе се разгледува буџетот за 2023 година, што го потврди и министерот. 

Спогодбата треба да се потпише во рок од 10 дена.

Штрајкот во градинките и училиштата почна на 11 април со барање за зголемување на платите од 18,4 проценти. На 28 април штрајкот беше ставен во мирување откако Синдикатот доби известување од Министерството за труд и социјална политика дека МОН бара мирно решавање на работниот спор со посредство на медијатор. По назначувањето на медијаторот, почна процесот на помирување меѓу СОНК и МОН кој на истекот на законски утврдениот рок од 20 дена заврши со усогласување на ставовите на двете страни.