Наставниците едвај забележуваат булинг во училиштата


Фото: Б. Грданоски

Има значителните разлики меѓу перцепцијата на учениците и перцепцијата на наставниците за постоењето на говор на омраза и дискриминација во училиштата, имено перцепцијата на наставниците за постоење на овие феномени во училиштатата е значително пониска, стои во извештајот на Институтот за човекови права кој од декември 2021 година до февруари 2022 година спроведе анкета со 995 ученици и 255 наставници во средни училишта на тема „булинг“ или врсничко насилство, говор на омраза и дискриминација.

Речиси 2/3 од учениците во средните училишта во Скопје сметаат дека има врсничко насилство помеѓу учениците во нивното училиште.
Околу 1/3 биле жртва на некоја форма на врсничко насилство во изминатата година.

Мнозинството сметаат дека само мал дел од булингот се пријавува, а најмногу се случува во основно училиште.
Споредено по пол, девојчињата за разлика од момчињата смтаат дека булингот е поприсутен во нивното училиште

Учениците сметаат дека говорот на омраза најчесто се сретнува на социјалните мрежи и во изминатата година oколу ¼ од нив биле изложени на некоја форма на говор на омраза.

Истражувањето упатува на заклучок дека постои голема тешкотија да се зборува за личното искуство со говор на омраза, од перспектива на жртва. Додека голем број на ученици сметаат дека омразата е изразена преку говор во училиште е честа појава, само мал дел се спремни да зборуваат, а оттука и да пријават доколку биле жртви на говор на омраза.

И учениците и наставниците сметаат дека говорот на омраза е најраспостранет на социјалните мрежи.

Повеќе од 1/3 од учениците сметаат дека дискриминацијата е присутна во училиштата, а од нив многумина познаваат соученици за кои мислат дека биле изложени на дискриминација во изминатата година во училиште.

Целта на проектот „Заштита од дискриминација, врсничко насилство (булинг) и говор на  омраза“ спроведуван од Институтот за човекови права со поддршка на Германската амбасада е да  ја потенцира важноста во однос на спречување и заштита од дискриминација (со посебен фокус на  следниве основи: сексуална ориентација, родов идентитет, социјална и родова нееднаквост), говор  на омраза и „булинг” – врсничко насилство меѓу средношколците. 

Во рамките на проектот се изготвени дигитални курсеви за наставници и за ученици на тема дискриминација, булинг и говор на омраза, кои се достапни на онлајн Академијата за човекови  права: https://www.ihracademy.org.mk/