Наставничка од БиХ во класот имала глуво дете – ги научила сите деца на знаковен јазик: Сега се бори со рак
Здружението Pomozi.ba започна хуманитарна кампања за наставничката од Сараево Санела Љумановиќ, која боледува од рак на белите дробови кој метастазирал во мозокот, ‘рбетот и коските.
Сè започнало навидум безопасно. Минатата година, таа отишла кај ортопедски хирург поради болки во грбот и колкот, не сфаќајќи дека нејзиниот живот ќе се промени целосно. Откако ја дознала дијагнозата, таа била подложена на операција на ‘рбетот и неколку третмани со зрачење.
Таа мора сама да го финансира лекувањето
Поради болеста, таа има тешкотии со одењето и дишењето и има постојана болка во ‘рбетот. Лекот што би можел да ѝ помогне не е одобрен од Федералниот институт за здравствено осигурување, па затоа таа мора сама да го финансира лекувањето.
За лекувањето ѝ се потребни 51.274 конвертибилни марки (околу 26.000 евра), износ што таа и нејзиниот сопруг моментално не можат да си го дозволат.
Наставничката што го допре светот
Пред десетина години, за Санела пишуваа регионалните и меѓународните медиуми откако таа и нејзините ученици од прво одделени почнаа да учат знаковен јазик за да можат да комуницираат со единствениот глув ученик во класот.
Му помогнаа да научи да чита од усни, организираа асистент и наставник по знаковен јазик кој доаѓаше на училиште. Момчето набрзо почна да ги кажува своите први зборови.
„Санела тогаш покажа колку големо срце има. До вчера, таа беше поддршка за другите, учејќи ги децата и ширејќи знаење и љубезност, а сега ѝ е потребна помош“, велат од здружението.
Како да помогнете?
Здружението Pomozi.ba организираше неколку начини да ѝ помогне на Санела. Граѓаните на Босна и Херцеговина можат да донираат две марки со јавување на 17022, а донациите може да се направат и преку нивната веб-страница.
Донациите од странство може да се испраќаат и преку банкарски трансфер:
Интеса Санпаоло банка БиХ
SWIFT: UPBKBA22
IBAN: BA391541802008533048
Примател: Здружение „Помози.ба“, д-р. Фетаха Беќирбеговиќа 8, 71000 Сараево
Намена на плаќање: Санела Љумановиќ