Наскоро во функција базените во Карпош, Битола и во Кичево
Министерството за спорт реализира 41 инфраструктурен проект во 22 општини. Изградени и реконструирани се над 30 мултифункционални спортски центри, изградена е атлетска патека во Гевгелија, целосно реконструирани се неколку спортски сали, а започна и постапката за изградба на три нови спортски сали – во Воената академија во Скопје, во општина Аеродром (кај ФФМ) и во Крушево, соопштуваат од Министерството.

Во изминативе месеци била откочена постапката за повеќе капитални објекти – довршена била изградба и биле пуштени во употреба базенот во општина Кисела Вода и во Штип.
-Во завршна фаза е базенот кај салата „Наум Наумовски Борче“ во општина Карпош, а наскоро ќе бидат во функција и базените во Битола и во Кичево, дополнуваат оттаму.
Министерот за спорт, Борко Ристовски, изрази задоволство од досегашната реализација и најави уште поинтензивна работа и нови проекти во следниот период.
-Горди сме на она што успеавме да го постигнеме во изминатиов период. Ветуваме уште повеќе работа и уште повеќе проекти, истакна Ристовски, пренесуваат од Министерството.