Нашите „мали јазици“ прават значајни дела и потребно е светот да ги слушне, рече венценосецот на СВП Иван Штрпка
Нашиот дух, духот на словенството што потекнува од овие простори е овоплотен и во словачката душа. Јас тоа го признавам и сум почестен што ме преведовте на вашиот македонски јазик, рече словачкиот поет на денешниот прес во Струга

Македонија е држава што знае да ги почитува вистинските вредности и задоволство ми е што денес сум присутен меѓу вас. Словачкиот и македонскиот јазик потекнуваат од иста база, а „малите јазици“ прават вакви значајни дела и потребно е светот да ги слушне и дознае за нив, истакна денеска на прес-конференција во Струга, лауреатот на СВП, словачкиот поет Иван Штрпка (1944 година, Хлоховец), пред вечерашното свечено отварање на 64. издание на фестивалот.
Директорот на Фестивалот Никола Кукунеш посочи дека „ годинашниот лауреат е поет кој успеал во својот живот да ги вкуси сите страни на битисувањето, кога станува збор за поетското творештво. Бил и човек, кој е ценет, но и поет, кој ја почуствувал репресијата на системот“, истакна Кукунеш.
Уметничкиот директор Мите Стефоски нагласи дека годинава, преку Штрпка е наградена словачката литература, која преку изборот на поезија во тројазичното издание на лауреатот ќе овозможи поширока рецепција во македонската книжевност.
„Наградуваме една словенска литература, која и досега имала големи претставници. Дојде денот кога треба да наградиме еден голем и значаен поет, претставник на една извонредна генерација поети, член на групата „Осамени бегачи“. Со изданието ќе овозможиме поширока рецепција во македонската книжевност, но и во светската. Веруваме дека покрај оваа награда ќе следуваат и други интернационални награди. Творештвото на Штрпка со сигурност заслужува таков однос“, доаде Стефоски.
Добитникот на Златниот венец, Иван Штрпка изрази задоволство што Фестивалот го избра токму него за годинашен добитник на најпрестижното признание во интернационални рамки.
„Вие сте држава што знае да ги почитува добрите вредности и задоволство ми е што денес сум присутен меѓу вас. Многу сум среќен што успеавме за краток период да изработиме едно извонредно издание од мојот вкупен поетски опус. Изборот на песни го направив лично. Благодарен што покрај македонската, со преводот на англиски јазик и меѓународната публика ќе има можност да ужива во убавиот пишан збор. Ова издание испраќа и една естетска порака во поширокиот свет на културните случувања. Изборот во книгата го сфаќам како знак на лична почит, но и воопшто на словачката модерна поезија. Добивањето на наградата е од огромно значење и за афирмацијата на словачката поетска реч во денешниот турбулентен свет. Во културната смисла на зборот и во поглед на преминот на границите словачкиот и македонскиот јазик потекнуваат од иста база. Во словенскиот свет обично зборуваат и за словачкиот и за македонскиот јазик како за „мали јазици“, но ова е една битна потврда дека бројот на говорници не е преголем, но нашите „мали јазици“ прават и вакви значајни дела и потребно е светот да ги види, да ги оцени и да ги вреднува уште повеќе. Ние немаме потреба да докажуваме дека впрочем во никаква смисла не сме мали“ рече Штрпка.
Од Струга кажа дека ќе понесе едно прекрасно доживување и една извонредна порака дека вреди светот да го гледаме со очите на поетот. Тој претходно во Паркот на поезијата засади дрвце, до кое стои табла испишана со неговото име.
„Поетското гледање на денешниот свет е речиси неминовно, бидејќи искрено доаѓа од душата. Бев почестен и со садењето дрво во Паркот на поезијата, каде ги видов дрвата и на други светски реномирани поетски бардови. Некои од нив ги познавав и лично, беа и мои пријатели. Сфатив дека сум во едно незаменливо друштво. Пресреќен сум што ме удостоивте да се најдам во таков круг на светски поетски имиња. Изразувам надеж дека во блиска иднина во паркот ќе израсне една голема шума и никој никогаш нема да се осмели да ја пресече благородна шума“, додаде Штрпка.
Во Словачка, подвлече, дека многу добро знаат оти Охрид е лулката на словенството и дека оттаму доаѓаат светите браќа Кирил и Методиј и ја носат азбуката во Велика Моравија.
„Благодарни сме што имаме подадена рака и во денешно време од вас. Испраќаме порака за значењето на подадената рака на заедништво во светот. Нашиот дух, духот на словенството што потекнува од овие простори е овоплотен и во словачката душа. Јас тоа го признавам и сум почестен што ме преведовте на вашиот македонски јазик“, рече лауреатот на 64-те Струшки вечери на поезијата.
Во пресрет на годинашното издание, утрово директорите на Фестивалот и лауреатот положија цвеќе пред Спомен-домот на браќата Миладиновци во Струга.
Советот за доделување на СВП одлучил „Златниот венец“ за 2025 да му биде доделен на Штрпка за неговиот богат, автентичен и значаен поетски корпус создаван во текот на шест децении, меѓу 1960 и 2025 година. Членовите на Управниот одбор на НУМ „Струшки вечери на поезијата“ едногласно ја донеле одлуката лауреат да биде истакнатиот словачки поет, раскажувач, есеист и преведувач, кој за пишувањето поезија рекол: „Пишувањето е процес во кој постојано постојам. Човекот треба да пишува не само за да избегне бесчувствителност и лудило туку и за да му помогне во неговиот напор да го развие светот на сопствената перцепција и да му даде артикулација“.
„Поезијата на Иван Штрпка треба да се чита не само семантички, туку и семиотички, поетички и културолошки. Не толку „отвореноста“, колку нејзината огледалност, повеќеслојност и метафизичност ја прават поезијата на Штрпка посебна, оригинална, пријателски настроена спрема читателот. Поезијата на Штрпка има интимна, медитативна, комуникативна и антрополошка димензија. Читана од културна и временска дистанца од 50, 30 или 10 години, поезијата на Штрпка се доживува како духовна придобивка која ги надминува рамките на Словачка, па и на Европа. Зошто? Затоа што она кое постигнало степен на совршенство, не знае за граници, посочи академик Катица Ќулавкова во својата беседа за лауреатот, во март, во МАНУ.
Иван Штрпка во шеесеттите години на минатиот век, заедно со поетите Иван Лаучик и Петер Репка, ја основа поетската група „Осамени тркачи“, која го напиша манифестот „Враќањето на ангелите“, кој беше забранет. Во него стануваше збор за слободата на мислењето, на животот и на творештвото, за одговорноста на поединецот и за отфрлањето на комунистичката диктатура и цензура. Во текот на Кадифената револуција во 1989 година, беше соосновач и активист на движењето Јавноста против насилството, како и главен уредник на обновениот легендарен неделник „Културен живот“. Негова дебитантска книга е „Краткото детство на копјаниците“ (1969). По книгата „Тристан дрдори“ (1971), имаше десетгодишна забрана за објавување. Има издадено цела низа поетски книги, три книги есеи и романот „Заложник“. Меѓу неговите најнови книги се: „Тивка рака. Десет елегии“ (2006), „Фрагмент (од витешката) шума“ (2016), „Кај што е мантилот, таму е ветрот“ (2018), „Чекорењето на Хермес“ (2022), „Гестови, факти, први лизгачи“ (2025). Добитник е на повеќе книжевни награди и е преведуван на многу европски јазици. Живее во Словачка, во Братислава.
Свеченото отворање на Фестивалот ќе се одржи вечер со палење на фестивалскиот оган и читање на антологиската Т`га за југ на Константин Миладинов во Домот на поезијата.Настанот ќе продолжи со Меѓународното поетско читање „Меридијани“, на кое ќе настапат поети од различни меридијани и култури, пренесувајќи ја својата поетска мисла во градот на мостовите.
Од денеска па сè до 25 август, на 64-тото издание на оваа престижна меѓународна поетска манифестација ќе учествуваат 70 поети од различни делови на светот, кои во духот на традицијата, преку низа поетски читања ќе изградат мостови на разбирање, емпатија и креативен дијалог. Фокусот на годинашното издание е глаголицата, а фестивалската сценографија ја оживеа и ѝ даде нова димензија, преку современо визуелно обликување.