Нашата култура е втемелена врз парадоксалното единство Ерос – Танатос: Интервју со д-р Ана Мартиноска од Институтот за македонска литература
Лејла Сабит
-И покрај тоа што македонската културна средина традиционално се смета за патријархална и конзервативна, паралелно постои и еден поинаков однос кон телесноста и сексуалноста во рамките на таа патријархална средина. Понекаде тој наидува на отпор и осуда, но во долапот има и бројни творби во кои сексуалноста се прифаќа како израз на слобода и индивидуален избор кој им пркоси на општествените норми, вели за „Независен“ д-р Ана Мартиноска (Скопје, 1972), професорка и научничка во областа на фолклорот, литературата и културата во Институтот за македонска литература при УКИМ. Поради интерес за еротскиот фолклор во македонската јавност, неодамна, таа го објави изборот „(И)стории од долапот“ (во издание на „Ми-Ан“), 13 години по претходната антологија „Голиот на гости“ .
Какво богатство крие македонската фолклористика, зошто овој феномен од народната традиција не е многу истражуван, зошто Цепенков и Шапкарев се самоцензурирале, кои краеви во Македонија кријат најмногу еротски приказни, песни, гатанки и пословици, во продолжение на интервјуто.
Какви (И)стории крие долапот на народната традиција?
-Долапот на македонската народна традиција крие многу повеќе стории и истории од оние што се општо познати. Тие задираат длабоко во сите сегменти од човековото постоење, вклучувајќи ги и манифестациите на сексуалноста. Ако чепнеме само малку под површината лесно стигнуваме до богатството на еротскиот слој на фолклор. Таму се раскажани реални теми од сексуалниот живот на луѓето како неверноста предизвиканa од брачно незадоволство, одмаздата на измамените мажи и жени, наивноста и неискуството, љубомората и итроштината, зголемените сексуални апетити, нудизмот и хомосексуалноста, како и исмејувањето на одделни возрасни или социјални групи во кои најчести се старците, поповите, царските ќерки и вдовиците. Во таа смисла, и покрај тоа што македонската културна средина традиционално се смета за патријархална и конзервативна, паралелно постои и еден поинаков однос кон телесноста и сексуалноста во рамките на таа патријархална средина. Понекаде тој наидува на отпор и осуда, но во долапот има и бројни творби во кои сексуалноста се прифаќа како израз на слобода и индивидуален избор кој им пркоси на општествените норми.
Кој е нивниот придонес во македонската фолклористика?
-Фолклорот претставува колективна уметност која во себе ја содржи сета народна мудрост и ги артикулира карактеристиките на нашиот народ низ вековите на своето постоење. Иако во основа тој е субјективен одраз на реалноста, во фолклорот можеме да ги следиме сликите, симболите, па и стереотипите преку кои народот го создавал и потврдувал својот идентитет. Во тој контекст, проучувањето на македонската ars erotica придонесува кон разбирање на сексуалноста како неизоставен дел од тој идентитет. Верувањата, обичаите, приказните, анегдотите, песните и кусите умотворби со еротски мотиви придонесуваат за разбирање на менталитетот, моралот, социјалните, родовите и другите видови на односи суштествени за нашата традиција. Оттука, нашата фолклористика би била нецелосна доколку во неа неизбежно не се вклучат и истражувања на народната еротика.
Зошто овој феномен од народната традиција не е многу истражуван?
-Одговорот на ова прашање лежи во цензурата кон темата на еротиката во фолклорното наследство и нејзиното доживување како забранета или табу тема, која е непристојно и неприкладно да се собира, објавува, истражува. Низ историјата таа подлежела на црковна и државна цензура, но и на подсвесна само-цензура на самите фолклористи. Цепенков признавал дека го мачела совеста и многу се трудел да не ги пишува јавно „гнасните“ зборови, Шапкарев ги испуштал еротските епизоди од приказните, а и денес се уште имаме информатори кои се обидуваат да ја ублажат опсценоста на народните умотворби или бараат да останат анонимни. Таа автоцензура е за нијанса помала кај истражувачите, па во македонската фолклористика постојат сериозни анализи на еротскиот фолклор, особено оние на проф. Кирил Пенушлиски кој 1981 г. во своите Македонски еротски приказни прв ја презентираше ризницата на нашиот еротски фолклор пред пошироката публика. Листата на толкувачи на овие феномени со време станува подолга, но се уште има еротски (и)стории кои чекаат да излезат од долапот.
Како го откривте ова „богатство“ на македонската фолклористика?
-Благодарејќи на сите фолклористи од минатото, но и на неколкумина се уште активни, а за нас скапоцени собирачи на фолклор низ нашата земја. Народните умотворби поместени во антологијава се преземени главно од збирките на Пенушлиски, Величковски и Котев, но и творби „ископани“ од архивите на Миладиновци, Шапкарев, Икономов, Каваев и други. Јас само направив селекција и фолклористичка и родова анализа на она што го сметам за репрезентативен избор од македонската народна еротика.
Колку време го подготвувавте изборот и на кои предизвици наидовте како автор?
-Овој избор се надоврзува на мојата претходна антологија „Голиот на гости (Антологија на македонскиот еротски фолклор)” (Скопје, 2007) и на неколку научни текстови за македонскиот еротски фолклор, што покажува дека оваа тема ме опседнува веќе долго време. Сепак морам да признаам дека овој избор кој се објавува 13 години подоцна е на „барање на публиката“ поради исцрпувањето на тиражот на претходната антологија. Очигледно постои активен интерес за еротскиот фолклор во македонската јавност што се должи на атрактивноста на демонизираната табу тема на сексуалноста, како сеприсутна димензија на човештвото и неговата еволуција, но и како специфика на нашата култура втемелена врз парадоксалното единство Ерос – Танатос.
Кои краеви во Македонија кријат најмногу еротски приказни, песни, гатанки и пословици?
-Еротските умотворби ги има буквално насекаде низ Македонија, сите со свои специфики и разлики, па затоа при составувањето на овој избор ми беше важно да бидат презентирани творби од повеќе краеви, од Прилеп, Охрид и Кочани, па сѐ до Струмица и Злетово. Подеднакво се трудев да бидат застапени и творби од различни извори, собирачи и различни временски периоди на создавање, за да добиеме широка слика која ќе направи и хоризонтален и вертикален пресек на раскошната убавина на еротскиот фолклор.
Препознатлива сте во научната и во пошироката јавност и како автор на културолошки, родови и феминистички теми и колумни. Како го наоѓате балансот со македонскиот фолклор? Дали семејното наследство има влијание?
– Секако. Јас сум дете на скопскиот асфалт и во моето опкружување овие форми на фолклор никогаш не биле жива традиција, но страста за нивно проучување ја наследив од мојот дедо Киро, веќе споменуваниот професор Пенушлиски, кому и му ја посветувам оваа моја книга. Тој навистина беше еден исклучителен човек со отворен ум дури и во десеттата деценија од животот, од кога научив многу за посветеноста кон науката. Покрај тоа, да не заборавиме, народната литература е и моја професионална преокупација веќе 24 години. Притоа мене во академските проучувања секогаш ме интересираа трансформациите и адаптациите на фолклорните творби во современата литература и култура, па јас и не чувствувам дека сум направила некаков посебен трансфер кон културолошките студии , бидејќи и претходно се занимавав со речиси истите теми. И во трудовите во кои се осврнувам на народната и во трудовите за современата култура јас секогаш избирам да ја следам трагата на премолчуваните и маргинализираните теми. Истото важи и за родовите проучувања, подеднакво ме привлекува анализата на женските прашања во фолклорот, поп културата, современата литература или филмот, да речеме.
(Во прилог три еротски приказни од македонската народна традиција)
МОМАТА ШТО CAKAЛA МАЖ CO ДВЕ ЧЕШАЛА
Некоја мома била од богата куќа и една у мајка и татко. Бидејќи една, момата била разгалена до немајкаде. Сe што ќе видела сакала да биде нејзино. Нејќела никој во селото да има нешто што таа немала. Демек, момата била лика и прилика на батко Горѓија од песните, кој сакал сe што е убаво да е негово. Таа била дотолку тамаќар што дури нејќела да се мажи, нејќела да има и таа маж каков што имале други жени. Пуштила момата глас дека ќе се мажи само за момче што не прилега на другите момчиња и велела:
– Јас ќе се мажам само ако најдам момче со две чешала!
Такво момче немало и не се чуло да има некаде. Момата си стојала мома, a нејзините другачки веќе имале деца.
Некое сиромашно момче од едно друго село разбрало за будалестото сакање на момата. Мамчето било многу умно и скројало марифет како да ја земе момата и да се куртулиса од сиромаштилако.
Си зело момчето стапо в раце и пошло кај момата. Без многу мрдање, тоа одма ѝ рекло:
– Мори, моме, чув дека си барала таков и таков маж. Јас имам два: еден поголем и еден помал. Момите од моето село не ме сакаат, па ако ме сакаш ти, да се земиме.
– Истина, момче, имаш два? – го прашала момата и се израдувала. – Ако е така, јас сум каил да се земиме.
Момчето било лично и на момата ѝ се бендисало, та набргу се привенчале. По свадбата, когалегнале да спијат заедно, моата видела дека тој има caмо еден кур. Се налутила, па го прашала:
– Ти, мажу, ми рече дека имаш два, a јас гледам само еден. Каде ти е другиот? Me излажа, а?
– He те излажав, мори невесто. Јас имам два, ама едниот му го дадов на нашио поп назаем.
Будалестата невеста поверувала и се смирила, бидејќи и со едниот вршиле работа.
Поминало баеѓи време и еден ден момчето кинисало по работа некаде и таму останало повеќе дeнови. Младата невеста останала сама. Бидејќи не можела веќе без маж, намислила да оди кај попот да го бара другиот кур од нејзиниот маж. Што наумила – тоа и сторила. My пошла кај попот.
– Мори невесто, што си се намачила до мене?
– Попе, право ќе ги кажам, ама не лути се. Јас дојдов да ми го вратиш курот што маж ми ти го дал назаем, оти тој не е тука.
Попот веќе знаел каков маж таа барала и се сетил во што е работата. Штом и го видел умот на невестата, ѝ рекол:
– Невесто, немај гајле, што сум зел назаем, чесно го враќам. Co мажа ти таков ни беше и зборот. Ајде, легни, па да ти го вратам.
Си ја свршиле убаво работичката и невестата, саде ќеиф си пошла дома. Вечерта се вратил мажот. Уште од врата жената го подбрала и му подвикнала:
– A бре, мажу, јас те знам итер, ама ти си бил многу будала. Ако веќе на попот си му годал едниот кур назаем, зошто си му го дал поарниот?!
ГОЛИОТ HA ГОСТИ
Си бил еден многу сиромав младич и одошто бил сиромав си кинисал некаде далеку на печалба. Одел, одел и приквечерина го фатил силен дожд и вијулици и си ракол да побара да преноќи во крајната куќа во некое далечно село. Почукал на вратата. На стариот домаќин, кој излегол да види кој чука, му рекол:
– Се напрајв лилјак, пријателе, жити гос под, прибери ме ноќва во куќава.
Стариот му рекол:
– Ќе мојш да влезиш, ама гол ќе се слечиш. Во вакво време ние сите дома, голи се слеквиме.
Видело, невидело момчето, страм не страм, се слекло. Ко влегло внатре во одајата гледа: стариот гол, двете снаи – голи, крај огнот се грејат.
– Седни си, греј се – рекол стариот – не страми се, сите сме голи, таков е адет кај нас.
Пошло крај огнот момчето и се топлит. Ама по некои време, пустиот, ѓавол да го носи, му се вроџил, се невидел. Го видел стариот и му рекол:
– Што, пустина, бре синко, ти се нароџи од топлото?
На постарата снаа е рекол:
– Оди, зеј го момчево во другана одаја, нека го намекнит!
Ојде момчето, нејсе, сврши работа и пак отишло кај оганот да се топли. Ама, млад човек, се потоплил и по некое време, пак му се нароџил. Стариот рекол:
– Ај, пустината, пак се вроџил?
Е рекол на помладата сна да ојт со него во другата одаја. Свршило работа момчето и си рекло во себе: „Овде било за идење, пак ќе си дојда, ко ќе врнит дожд.” Преспал ноќта, сабајлето му и исушиле алиштата и го пуштиле да си адит. По некое време, пак кога заврнало дожд, навечер зачукало на вратата кај стариот момчето,
– Бујрум, бујрум – рекол стариот. Уште од врата младичот се слекол и трчат кај огништето. Ама таму не биле снаите, туку синовите на стариот. Се топлит момчето крај огнот и на постариот син му се вроџил. Старецот рекол:
– Стани, момче, одај во другана одаја, со синов свршете работа!
Пусти, штури, момчето, ама издржало некако. Уште еднуш не му текнало да дојт во таја куќа.
ЖЕНАТА, ПОЛЈАКОТ И НЕЈЗИНИОТ МАЖ
Се собрале во едно село да избираат полјак. Од секоа куќа имало присутен, но, од една куќа го немало домаќино и на негово место дошла неговата жена. Таа си се мрдала со некој си тамо што божем полјак ќе биде. И со него таа се здоговорила утрото да дојде кај неа и убаво да си поминат a потоа тој да си замине по работа.
Куа се вратила дома, уште вечерта мажот ја прашал:
– Де, мори жено, како го избиравте полјакот? Што ќе му се плача? Колку време ќе биде?
– A бре, мажу, лесна беше работата за која се погодивме. Ќе ги ебе на ред сите мажи, па рекохме бидејќи сам сама жена од селото да почне од кај нас: прво од тебе! И тоа утрото сабајлето да бидеш тука.
И како што било договорено тај божем полјак доваѓа да го ебе мажот, a таа се припремила неа да ја ебе. Кога влегува тој во дворот, таа му вика на мажот:
– Скри се! Јас ќе го превртам и нека сврши со мене работа. Само редот да помине!
Скрива го под една рогозина. И куга влегува тај, божем се кара:
– Каде ти е мажот?
Она го превртува тука и почнува неа да a работи. A мажот е скриен под рогозината, под кревето. Едно време полјакот прашал:
– Па што ти е, мори невесто, тоа под рогозината?
– А, бе, тоа е кучето. Ногу е лошо па сам го ставила под рогозината да не ги каса луѓето.
Едно време мажот почнал да ‘ржи од под рогозината. И ништо. Сe се свршило: си ја изебал полјакот невестата и си отишол.
После тоа вика мажот на својата жена:
– Мори жено, е па како ти текна да се снајдеш да кажеш кучето е?
Таа му одговара:
– Мозок, мажу, мозок!
A пак вика она сега:
– Мажу, па како ти текна ти па да ‘ржиш на носот?
Он оттам:
– Мозок, жено, мозок!