Народните канцеларии на Иванов го завршија мандатот


Народната канцеларија на претседателот Ѓорге Иванов во центарот на Скопје не работи веќе подолго време. Просториите што свечено беа отворени во 2010 година, а беа планирани да опстојат додека трае и мандатот на Иванов, сепак, предвреме заминаа во пензија. Тие се сопственост на државата и е неизвесно дали новиот претседател ќе продолжи со иста пракса или ќе добијат пренамена.

Од кабинетот на претседателот потврдуваат дека проектот „Народни канцеларии“ е завршен. Сметаат дека целта е постигната, граѓаните имале шанса одблиску да стапат во контакт со шефот на државата, да му ги кажат своите проблеми, но и идеи за подобрување на животот во земјата.

Првата канцеларија беше отворена во Скопје во април 2010 година, односно на крајот од првата година од првиот мандат на Иванов. Следната година се отвори канцеларијата во Тетово, а во 2012 година и во Битола. Се запре на три, иако беа најавени уште неколку други. Тие беа замислени како можност за непосреден контакт со граѓаните, за слушање на нивниот став и мислење, проблеми и решенија. На почетокот, граѓаните беа поентузијастички расположени, навраќаа на популарниот „Рекорд“ во Скопје, па меѓу другото, бараа помош од претседателот и за работи што не зависат од него: легализација на градби, комунални проблеми или лични услуги за вработување. Како што минуваа годините и како се минимизираше неговата улога во политичките збиднување, така опаѓаше и интересот за посета на канцелариите. Но по џебните вета за договорот за името, како и за Законот за јазиците, порасна бројот на посетители на поддржувачите на неговите политики.

„Вкупниот број на поднесени претставки и предлози од граѓаните, заклучно со крајот на 2018 година, изнесува 3.722. Предлозите што ги упатуваа граѓаните до народните канцеларии, во најголем дел спаѓаа во доменот на спорот за името. Голем број граѓани се обраќаа со барање за лична средба со претседателот на Република Македонија, со барања за покровителство од претседателот, како и предлози за одликувања. Претставките што ги упатуваа граѓаните, во најголем дел се однесуваат на правосудството, спорови со одредени институции, денационализација, невработеност. Претседателот, во повеќе наврати оствари средби со граѓаните кои побараа средба заради изложување на свои идеи, предлози, пронајдоци, или пак, укажување на некој проблем или решение. Кабинетот на претседателот во однос на оние искажувања кои се во рамки на неговите надлежности, ги презел потребните мерки и активности, а за другите има остварено комуникација со надлежните органи, со цел побрзо и поефикасно постапување по предлозите и барањата на граѓаните. Кабинетот на претседателот ја извести Владата дека престанува да ги користи просториите кои беа отстапени, за потребите на проектот ‘Народни канцеларии’, а се во државна сопственост“, пишува во одговорите што кабинетот на Иванов ги достави до „Независен весник“.

Канцеларијата во Скопје беше демолирана пред три години при протестите по донесувањето аболиција за вкупно 56 инволвирани во „бомбите“ на тогашната опозиција. На списокот на Иванов беа тогашниот премиер и други функционери од врхушката на поранешната власт. По боењето, палењето негови фотографии и демолирањето правно беа гонети 13 лица, а беше соопштено оти е причинета материјална штета од 200.000 евра. Канцеларијата не работеше точно една година, а беше повторно отворена во мај 2017 година.

 

Шамиите и подароците со Република Македонија ќе му останат на идниот претседател

Репрезентативните подароци со името Република Македонија, за кои претседателот Ѓорге Иванов пред пет недели распиша јавна набавка, ќе му останат во наследство на идниот шеф на државата. Од кабинетот на Иванов посочуваат дека станува збор за набавка на репрезентативни подароци што се реализира врз основа на годишен план, а како востановена практика на сите претходни претседатели и речиси насекаде во светот.

„Јавната набавка опфаќа протоколарни подароци, што се набавуваат согласно протоколарните активности на претседателот, вклучувајќи посети на странски делегации, како и возвратни посети на странски држави. Укажуваме дека наведениот износ од договорот за јавната набавка претставува планирана вредност на јавната набавка, односно не се исплаќа целиот износ наведен во договорот, туку по фактура за извршената услуга. Следствено на ова, следниот претседател на Република Македонија на почетокот на својот мандат ќе има можност да продолжи да ја искористува јавната набавка за репрезентативни подароци“, потенцираат од кабинетот на претседателот.

Како што објави „Независен“, станува збор за набавка вредна 20.000 евра, при што се бараа над 700 сувенири. Се нарачуваа 25 книги, монографија за Република Македонија на македонски и англиски јазик испечатена во боја, со тврди и мазни корици со минимум 200 страници, ексклузивни метални и хемиски пенкала, како и чадори, вински сет, метални значки со осигурувачи, папки, држачи за пенкала, држачи за визит-карти, нотеси, накит, длабоки резби на дрво (орев) – сите со вклучена гравура на амблемот на претседателот на Република Македонија.

Иванов нарача и 50 женски свилени шамии и 100 вратоврски. Претседателот Ѓорге Иванов не го прифаќа договорот за името. И покрај одлуката на Меѓуресорската група за имплементација на роковите од Преспанскиот договор, на официјалната веб-страница на шефот на државата стои старото име „претседател на Република Македонија“.

Горан Адамовски