Народната банка ја зголеми каматната стапка на два отсто, ќе растат и каматите кај банките

Основната каматна стапка е зголемена на 2 отсто, умерено зголемување и кај каматните стапки на депозитите преку ноќ и седумдневниот депозит. Ова е трето зголемување на каматата на благајничките записи по 0,25 процентни поени, откако тоа претходно го направи во април и во мај


Фото:Б.Грданоски

Народната банка повлече уште еден потег со кој настојува да влијае врз растечката стапка на инфлација – одлучи да ја зголеми основната каматна стапка за 0,25 процентни поени, на два отсто. Ова е трето по ред зголемување на каматата на благајничките записи по 0,25 процентни поени, откако тоа претходно го направи во април и во мај. Покрај ова, како што соопштија од НБ, се зголемуваат и каматните стапки на расположливите депозити преку ноќ и на седум дена, за по 0,25 проценти поени и 0,15 процентни поени, соодветно, на ниво од 0,40 отсто и 0,45 отсто, соодветно. Понудата на благајнички записи на редовната аукција не се промени и изнесува 10 милијарди денари.

Овие одлуки беа донесени на вчерашната редовна седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка, на која беа разгледани најновите движења на меѓународните и на домашните финансиски пазари, како и показателите за домашната економија, во смисла на поставеноста на монетарната политика.

Од Народната банка очекуваат овие мерки, во услови на стабилност на девизниот курс на денарот, да поттикнат промени во каматната политика на банките во насока на пораст на каматните стапки на штедењето во домашна валута и натамошен раст на депозитите кај банките во денари.

Инаку, во мај инфлацијата во земјава се искачи на 11,9 отсто, откако во април беше 10,5 отсто, покажаа статистичките податоци.

Во соопштението до медиумите се посочува дека при донесувањето на одлуката за натамошно затегнување на монетарната политика беа земени предвид најновите движења кај инфлацијата, којашто и понатаму се зголемува.

Така, во периодот јануари – мај 2022 година инфлацијата во просек изнесува 9,1 отсто, што е умерено повисоко во однос на последните проекции на НБ во услови на поизразен раст на цените на примарните производи на светските берзи.

„Со оглед на повисокиот раст на примарните производи, кој е и подолготраен, присутни се и пренесени ефекти кај поголемиот дел од производите и услугите, така што има забрзување и кај базичната инфлација. Ваквите остварувања дополнително ги подгреваат инфлациските очекувања, што уште повеќе ја нагласува потребата за водење претпазливи домашни политики. Индексот на ФАО во последните два месеца покажува надолни корекции кај светските цени на храната, но сепак воените случувања во Украина, како и состојбите кај синџирите на снабдување, носат неизвесност за натамошното движење кај инфлацијата“, велат од Народна банка.

Девизните резерви се одржуваат во сигурната зона, а притисоците на девизниот пазар од енергетската криза се значително намалени во последните два месеца, се додава во соопштението. Намалувањето на притисоците воедно е одраз и на поволните поместувања на менувачкиот пазар, како и намалената склоност на домашните субјекти за конверзија на домашната валута во странска валута. Со оглед на високото ниво на девизните резерви во претпандемичниот период и натамошниот раст во двете години од пандемијата, девизните резерви се на соодветното ниво според меѓународните стандарди.

Во однос на движењата во реалната економија, во првиот квартал од 2022 година реалниот БДП бележи раст од 2,4 отсто на годишна основа. Анализирано по компоненти, домашната побарувачка има позитивен придонес за растот, во услови на раст кај сите категории.

Најизразен раст бележат бруто-инвестициите, што е поврзано со силниот раст на увозот и акумулирањето залихи на суровини и енергенти и влошувањето на веќе нарушените глобални синџири на снабдување и на пазарот на енергија. Како резултат на тоа, нето-извозот има негативен придонес кон растот. Високофреквентните податоци за вториот квартал од 2022 година се ограничени и се недоволни за согледување на состојбите во целина. Засега, податоците за април покажуваат натамошен солиден реален годишен раст на прометот во вкупната трговија, додека индустриското производство бележи пад на годишна основа, по растот во претходниот квартал.

Од аспект на движењата во монетарниот сектор, според првичните податоци за мај 2022 година, годишниот раст на кредитите и натаму е солиден и генерално соодветствува со проектираниот, при поумерен раст кај депозитите, посочуваат од НБ.

Освнувајќи се на глобалните финансиски текови од Народна банка велат дека во мај, на меѓународните финансиски пазари преовладуваа засилените очекувања на инвеститорите за нормализација на монетарните политики и за повисоки каматни стапки. Во такви услови, беше забележано намалување на цените на најбезбедните државни обврзници во еврозоната, односно пораст на нивните приноси, што беше поддржано и од заложбите на ЕЦБ за враќање на инфлацијата кон целното ниво на среден рок. ЕЦБ на последната седницата најави зголемување на референтните каматни стапки за 0,25 п.п. во јули, како и повторно зголемување на каматните стапки во септември, а големината на промената ќе биде условена од новите среднорочни проекции за инфлацијата.

„Општо земено, ризиците за целокупниот макроекономски контекст и натаму се изразени и се претежно поврзани со надворешното опкружување, а главниот ризик и понатаму претставува неизвесноста поврзана со текот и времетраењето на воениот конфликт помеѓу Русија и Украина и неговото влијание врз цените и економската активност во глобални рамки. Притоа, во вакви услови уште повеќе доаѓа до израз потребата за водење на претпазливи домашни политики. Народната банка внимателно ги следи трендовите и потенцијалните ризици и ќе продолжи соодветно да реагира во насока на постепена нормализација на монетарната политика, користејќи ги сите расположливи инструменти, а со цел одржување на среднорочната ценовна стабилност“, се вели во соопштението од седницата на Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка.